МАКЕДОНСКИТЕ ГИМНАЗИЈАЛЦИ ЌЕ ОСТАНАТ БЕЗ УЧИЛНИЦИ?! Касами го обвини Груби дека ја дал зградата на Катастарот
Македонските ученици од тетовската гимназија сега учат во два објекта од старото медицинско училиште, па ако се одземе едната зграда, тогаш околу 80 ученици ќе останат без можност за натамошно школување во гимназијата, бидејќи ќе нема каде да ја следат наставата.
Првиот вицепремиер Артан Груби потпишал одлука на 20 јули годинава со која се одзема една зграда од тетовската гимназија во која учат учениците од македонска настава и објектот му се доделува на тетовскиот Катастар.
Ова, според тетовскиот градоначалник Билал Касами е само уште една одмазда на СДСМ и на ДУИ за поразот на последните избори за Совет на општина Тетово.
– Надвор од секоја здрава логика, СДСМ и ДУИ продолжуваат со реваншизмот кон Тетово и кон тетовци. На одмазднички начин, Артан Груби потпишал одлука, со која старата зграда на медицинскиот училиштен центар се дава на трајно користење на Катастарот на Тетово. Како што може да се види, со оваа одлука, овој објект без потреба и без никаква претходна консултација, се дава на користење на Катастарот. Оваа одлука ја оценуваме како самоволна и како одмазда со казнување на образованиот процес и учениците од Тетово, знаејќи дека во овој објект се држи настава. Оваа одлука е злонамерна тенденција на Груби да им наштети на тетовските средношколци и да создава непотребни проблеми од кои директно страдаат учениците, оневозможувајќи да имаат основни услови за образување – изјави градоначалникот Касами на денешната прес-конференција.
Македонските ученици од тетовската гимназија сега учат во два објекта од старото медицинско училиште, па ако се одземе едната зграда, тогаш околу 80 ученици ќе останат без можност за натамошно школување во гимназијата, бидејќи ќе нема каде да ја следат наставата.
Според Касами, Владата со оваа одлука го прекршила Законот за основно и средно образование од 2004 година со кој сопственоста и недвижниот имот на средните училишта се пренесува на локалната самоуправа, односно на општините. За оваа одлука на Владата тој најави дека ќе ги информира сите дипломатски претставништва во земјава, амбасадата на САД, ОБСЕ, УНИЦЕФ, дека во Тетово се кршат правата на децата и граѓаните.
Како што е познато, проблемите на учениците кои ја следат наставата на македонски јазик во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ траат веќе 20 години. Во 2002 година, по завршувањето на конфликтот, поради опасност од избивање меѓунационални тепачки помеѓу албанските и македонските ученици, беше решено учениците кои ја следат наставата на македонски јазик да се издвојат и да учат во друг објект надвор од централната зграда на гимназијата. Изминативе 20 години овие ученици шетаа од ОУ „Гоце Делчев“, до Работничкиот универзитет, во една руинирана барака на старото медицинско училиште, во салата на Општина Тетово. Неколку пати поради ова тие излегуваа на протести. Откако двете згради на старото медицинско училиште беа внатрешно реновирани, изминативе две години наставата се одвива тука.
И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ветуваа дека за учениците од македонска настава во Тетово ќе се изгради нов современ училиштен објект, но од тоа досега ништо.