Македонскиот „Видовден“

Оваа ретроградна власт, самотрансформирана од „хибриден“ во „прогресивен“ режим, нема слух за ништо друго освен за „Видовденските“ поделби во државата, прогласувајќи секој различен тон во непријателска пропаганда, во опозициски грев, во „националистички сентимент“. Страотно плитко, до зла бога неуко и простачко!

1,134

Македонскиот „Видовден“ – 18 август 2023 година – би и помина. Онака исто, бледо, смешно, провинциски…, како и сите овие години на „прогресивнава“ власт. Не удри гром во опозицијата, не се вивна суперклеточна бура или (не дај боже) земјотрес или поплави, државата не беше окупирана, ниту пак изолирана. Малку нѐ потресоа сите оние клетви во стилот на цар Лазар – кој е од македонски род и од македонска крв и колено, а не гласа за промена на Уставот, од раката му да не се роди рујно вино и пшеница бела, да нема род ни пород машки ни женски…, итн. итн. – но и тоа беше дел од вообичаениот простачки политикантски фолклор на власта.

Она за празните улици и случни будалаштини. А особено она на координаторот на пратеничката група на сдсм (малите букви соодветствуваат на угледот на оваа партија денес во Македонија) дека токму на тој македонски „Видовден“ ќе се види кој е вера а кој невера односно дека од прифаќањето на уставните измени „директно зависи иднината на целиот наш народ“! Ма немој.






Какви помпезни пораки испраќаше власта пред седницата за уставните измени, човек ќе си рече навистина сме стасале пред крајот на светот. Или на Македонија, во најмала рака, со променето Илинденско гесло: или нова Преамбула или смрт! Дури ни на премиерот не му беа напишале некоја нова мудрост туку ја вергла илјадапати повторената лага: „Пратениците се, пред сѐ, претставници на граѓаните, а граѓаните сакаат да живеат во ЕУ. Заради подобар животен стандард, заради подобро владеење на правото, подобра инфраструктура, подобри услуги за граѓаните, заради економски напредок, социјална правда, врвна демократија. Заради подобар живот по европски стандарди.“ Ниту помислува дека токму тој, сосе целата негова полуписмена влада (малите букви се реален одраз на нејзиното реноме!), со години примаат плата за тоа. Сега испаѓа дека тие биле само локален украс, а целата работа треба да ја заврши – ЕУ!

Единствена вистина во оваа негова „мудрост“ е дека „граѓаните сакаат да живеат во ЕУ“. Но, не под вакви услови! И зошто, по ѓаволите, никој тоа не сака да го разбере? И зошто власта не организираше референдум, или друг вид на плебисцитарно изјаснување на граѓаните токму за тоа прашање: дали сакаат во ЕУ под условите наведени во преговарачката рамка? Или однапред го знаат исходот па сега само плашат мали деца?

Но, добро им беше темпирана и онаа вообичаена клиентела како подопашник на власта во застрашувањето на луѓето. И тие ги верглаа(т) истите флоскули, со мали разлики. Сега, сите што мислат поинаку од власта и нејзините кербери се припадници на оној „(…)добар дел од образованата елита, чиј команден центар е опозициската партија, да се компромитира Охридскиот, Преспанскиот и Францускиот договор, со изговор дека се ’диктати’“. Тоа е вистинското лице на македонската „демократија“ во овој миг – диктат врз диктатите!

И, очигледно е одамна, токму тоа го имала на ум оваа власт прогласувајќи го чинот на една (во основа) демократска расправа за суштински прашања за државата, во фамозен македонски „Видовден“ на којшто ќе се видело што е црно а што бело, кој е јунак а кој предавник и слични будалаштини. Ама забораваат дека на Косовското поле останаа и Лазар и Мурат! Оваа ретроградна власт, самотрансформирана од „хибриден“ во „прогресивен“ режим, нема слух за ништо друго освен за „Видовденските“ поделби во државата, прогласувајќи секој различен тон во непријателска пропаганда, во опозициски грев, во „националистички сентимент“. Страотно плитко, до зла бога неуко и простачко!

Македонскиот граѓанин е ставен во ситуација година дена, без престанок, да ги слуша лагите на локалниве интриганти и безрбетници и нивните кербери, но не смее да чуе што мислат реномирани европски историчари и политичари. Вчера собранието на рсм (малите букви целосно одговараат на реномето на оваа институција денес) беше претворено во етно-политичка арена на апсурдот, каде логиката на доцниот 19 век удираше во таламбасите на 21-от век сеејќи „прогресивна“ магла, по илјадити пат се вртеше буквално истата расипана ЕУ плоча, со чести мигови на „шлајфување“ во место, прекинување, пелтечење… Освен, за среќа, експликацијата на г-ѓата Силјановска-Давкова, се разбира. Таа на нашиве шутраци, но и на т.н. „меѓународна заедница“ и ЕУ, им влепи такви шамари што ушите уште долго ќе им свират!

За жал, за власта, разумното, компетентното, стручното толкување на нештата не е доволно. Упорно ја вергла лагата дека на предложениот текст за уставните измени никој нема(л) забелешки, заборавајќи дека само половина час пред него Силјановска-Давкова тој ист текст го растури како „дете играчка“. Но, и тоа е стилот на сегашниов сдсм: нека говори кој што сака, ние „возиме“ напред.

Ако таа циркусијада, со оние неколку кловнови во главни улоги, требаше да нѐ убеди во исправноста, дури неминовоста на прифаќањето на перфидниот „француски предлог“, тогаш ефектот е целосно спротивен: тоа дефинитивно би била историска грешка со долгорочни последици. За тоа, впрочем, ни пишува и почитуваниот Челиковиќ, потсетувајќи нѐ на реакциите на дел од (токму) француската интелектуална јавност за „рамката“, за предупредувањата за „историски ревизионизам“, за „едностраните гледишта и ставови“, „корегирање и исправање на историјата“ итн.

За истите или слични нешта пишуваше и Флоријан Бибер (инаку политиколог, историчар и експерт за Балканот): дека „Францускиот предлог за отклучување на бугарската блокада е катастрофа за проширувањето“, дека „Го вклучува билатералниот спор во преговарачкиот процес на ЕУ“, дека „Во суштина ја прифаќа националистичката логика на бугарската влада“ итн., итн.? Ама тој не е експерт, нели, туку тоа се Ковачевски, Османи, Цаца Николовска, Ружин, Адеми, Митревски… итн. Знаат подобро и од еден Едвард Џозеф (можеби хибридизиран „путинист“ и „рубљовист“?), од еден Шјел Магнусон (кого го посочува и Челиковиќ) кој аргументирано ги побива сите глупави тези на власта за јазикот итн.?

Зарем некој овде, после сѐ,  сепак ќе им поверува на нашиве пролет-штрумфови, такви модри, неуки и полуписмени, зарем и понатаму ќе се крсти во шушумиги од „реномето“ на Маричиќ, Османи, Ковачевски, Митревски, Адеми и „остала братија“? Или можеби во оној Мишел кога се колнеше дека тој лично ќе ни фаќа врски во ЕУ иако мандатот му е веќе на крај? Или во целото она корзо од Европа до Скопје од разноразни официозуси кои до вчера не стапнале во Македонија, ама сега се тука оптимистички поднасмеани, кисело весели и шарлатански убедителни?

Ок, некој овде сепак ќе поверува – така е секогаш кај нас – на такви плитки поточиња, ќе сее „прогресивна“ магла и ќе му се поклони на Митревски кој ни ја кажа базичната дилема на македонскиот „Видовден“: интеграција или изолација! Е па браво – вдахновено, стручно, експертски, европски… Па такви глупости не трескале ни во времето на Илинденското востание! И повторно: никој нема да смее да ја спомне најстрого чуваната државна тајна викана Протокол од вториот состанок на Мешовитата меѓувладина комисија формирана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија, никој нема да смее да размислува со своја глава, да ги спои коцкичките и да види дали баш два и два се четири во владините „аргументи“?

Ако е тоа нашиот односно изборот на власта, so be it. Но тоа нека биде нејзин избор а не наш, таа по вторпат нека си ги резили имињата. Но, како и да е, таа – оваа смешна „прогресивна“ власт – вчера кукавички избега од Скопското поле, со подвиткана опашка. А опозицијата, барем еднаш, може да направи нешто паметно: да го умножи обраќањето на Силјановска-Давкова и на секоја нова седница на собранието на тема уставни измени да им го дели на пратениците од власта! Белки, конечно, слепците ќе прогледаат и нивните мали умови нешто ќе научат?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини