МАКЕДОНСКИОТ „ДИЏЕЈ АХМЕТ“ СО ДВЕ НАГРАДИ НА САНДЕНС Приказната за 15-годишното момче од Коџалија, нов успех на македонската кинематографија
Дебитантскиот игран филм „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги М. Унковски, освои две награди на престижниот филмски фестивал, Награда на публиката (Audience Award) и Специјална награда на жирито за креативна визија (Special Jury Award for Creative Vision)
Македонската драма „Диџеј Ахмет“ (DJ Ahmet), во режија на Георги М. Унковски, освои две значајни награди во категоријата World Cinema Dramatic на филмскиот фестивал Санденс 2025-та.
Станува збор за Награда на публиката (Audience Award) и Специјална награда на жирито за креативна визија (Special Jury Award for Creative Vision).
Филмот ја раскажува приказната за 15-годишниот Ахмет од јуручкото село Коџалија во Источна Македонија, кој наоѓа прибежиште во музиката и сонува да стане диџеј додека се справува со очекувањата на татко му, конзервативната заедница и неговото прво искуство со љубовта – девојка која веќе му е ветена на некој друг.
Дебитантскиот филм на режисерот Георги Унковски, „Диџеј Ахмет“, кој премиерно беше прикажан на фестивалот „Санденс“ во јануари годинава, по прикажувањето доби одлични рецензии во две од трите највлијателни филмски списанија „Холивуд репортер“ и „Варајети“.
Инаку, Унковски досега беше познат по својот краток филм „Налепница“ (Sticker), кој беше прикажан на Sundance Film Festival 2020. „DJ Ahmet“ е неговиот дебитантски долгометражен филм, кој по пет години работа и бројни предизвици во продукцијата, го донесе македонскиот филм на светската сцена.
„Диџеј Ахмет“ е копродукција помеѓу Македонија, Чешка, Србија и Хрватска, а неговата следна станица е Сараевскиот филмски фестивал (15-22 август 2025), кадешто е во официјалната конкуренција за наградата Heart of Sarajevo.