МАКЕДОНСКИ КРИМИ-ТРИЛЕР РОМАН ЗА ПРИМЕР Кон романот „Бахус“ на Сашо Кузмановски

632

Степенот на развој на една национална книжевност се мери, меѓу другото, и според развојот на жанровската книжевност. Во Македонија, по примерот на книжевно развиените земји, на повидок е појава на една млада струја автори на романи од жанровите крими-трилер, психолошки трилер, но и трилер со примеси на историска фикција. Во оваа гарнитура автори се вбројува и Сашо Кузмановски. Минатата година тој дебитираше на македонската книжевна сцена со романот „Афера во музејот на пари“, роман од споменатиот жанр криминалистички трилер, чие дејство е сместено во Македонија и во регионот и кој обработува тема за криумчарење со редок вид монета од музејот на пари при Народната банка на Македонија. Со својот првенец, Кузмановски го привлече вниманието на читателската публика, пред сè со напредното познавање од областа на нумизматиката и на историското богатство со кое изобилува нашата земја. Но, освен тоа, тој покажа и високо чувство за раскажување во духот на жанрот, создавајќи убедливо и конкурентно дело на светски познатите трилери.

Во меѓувреме, Кузмановски не мируваше и го напиша својот втор ракопис, романот „Бахус“ (Арс Либрис, дел од Арс Ламина – публикации, Скопје 2023), што претставува своевиден независен втор дел од предвидената трилогија во која главен лик е полицискиот инспектор Јован Ингилизов. Во „Бахус“ повторно ни паѓа в очи посветениот труд на авторот да создаде убедливо дело, засновано на историска подлога, но овој пат со видливо поамбициозен пристап. Ако во „Афера на музејот на пари“ следевме една до две сижејни линии, во „Бахус“ имаме речиси совршена плетка од испреплетени дејства и повеќе фокализации. Сложеноста на новиот случај што треба да го реши инспекторот Ингилизов подразбира вклучување на повеќе истражители, а тоа значи и присуство на повеќе гласови во романот. Додека во „Афера…“ дејството течеше по една наративна линија, во „Бахус“ има две наративни линии што тукуречи наизменично се менуваат.






Романот почнува со опис на дејство во древниот град Стоби, во 186 година пр.н.е. Освен што буквално ни го црта со зборови изгледот на градот од тоа време, Кузмановски ни дава детален увид во социјалниот живот на Стоби и веднаш нè воведува во интрига – на каков начин се поврзани дејствата што се случуваат на временска оддалеченост со векови?! Од другите книжевни зачини со кои го интензивира чувството на тие што ќе посегнат по овој роман е и мешањето на култовите од антиката и по принципот на магиското тркало – нивните импликации/повторувања во сегашниот момент. Оваа постапка е многу податлива за жанрот трилер и веднаш буди асоцијации на веќе успешни детективски/истражувачки мисии на култни ликови (и од други медиуми), како што е, на пример, стрип-јунакот Марти Мистерија. Но, тоа што би требало да нè возбудува нас, читателите на делото на Сашо Кузмановски е ситуирањето на приказната во нашата непосредна околина, близок амбиент, познати локалитети. И додека се насладуваме од успешните приказни на светски познатите трилер-мајстори, близу до нас се развива еден уникатен авторски израз што сметам дека треба да наиде на поддршка и афирмација од културно-јазичната средина во која создава.

Верувам дека Сашо Кузмановски е автор во подем од кого можеме да очекуваме дека ќе ја оправда поддршката на стручната книжевна јавност, прераснувајќи во солиден писател во жанрот трилер.

 

(авторката е компаратист и уредник во Арс ламина)

Поврзани содржини