МАКЕДОНСКАТА ЕКОНОМИЈА ЗАКРЕПНУВА Гувернерката апелира да не се заборави на структурните реформи
На средбата меѓу Стево Пендаровски и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, предупредено и на можните ризици поради новите соеви на коронавирусот.
Проекциите на Народната банка, коишто се многу блиску до проекциите на меѓународните финансиски институции, упатуваат на натамошно постепено закрепнување на македонската економија – за следната година се очекува раст од 3,9%, со што би се достигнало и би се надминало преткризното ниво на економски раст.
Сепак, постојат ризици поврзани пред сѐ со натамошниот развој на пандемијата со појавата на новите соеви, што бара внимателно следење на состојбите во економијата и навремена реакција од носителите на политиките, доколку е потребно. И во периодот на справување со пандемијата, спроведувањето на структурните реформи е од исклучителна важност, бидејќи тие се предуслов за одржлив и повисок економски раст.
Ова се дел од констатациите коишто биле изнесени на редовниот работен состанок меѓу претседателот Стево Пендаровски и гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска.
Во разговорот беше нагласено дека во сиот тек на кризата, од исклучително голема важност е одржаната стабилност на банкарскиот систем, којшто обезбеди поддршка за економијата, а од него се очекува поддршка на економскиот раст и во следниот период, имајќи ја предвид и неговата отпорност на шокови, покажана на последните стрес-тестирања. Конкретно, кредитната поддршка за економијата и натаму е солидна, со раст којшто за оваа година би изнесувал околу 7% и постепено би забрзал достигнувајќи околу 8% на среден рок. Слични се очекувањата и за движењето на депозитите.
Истовремено, на состанокот се отворија прашања и за активностите коишто Народната банка ги планира за следниот период, за заштита на потрошувачите корисници на финансиски услуги и за финансиска едукација и за очекуваните ефекти од носењето нов Закон за платежни услуги и платни системи.