МАКЕДОНИЈА ВТОРА НА „ЖОЛТИОТ КУП“ Реми со Швајцарија за силна најава пред ЕП 2026
Македонските ракометари со две победи и едно реми го освоија второто место во Винтертур, а следен предизвик е Европското првенство 2026 во Данска.
Македонската ракометна репрезентација го освои второто место на „Жолтиот куп“ во Винтертур, откако вечерва одигра нерешено 28:28 против домашната селекција на Швајцарија во последното коло од турнирот.
Иако Македонија имаше ист учинок како и домаќинот – две победи и едно реми, подобрата гол-разлика од претходните натпревари ѝ донесе прво место на Швајцарија. Пред вечерашниот дуел, Швајцарците имаа +14, а Македонија +9 по победите над Украина и Бахреин.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров, бодрени од голем број македонски навивачи на трибините, одиграа значително подобро второ полувреме и успеаја да ја анулираат негативата од пет гола разлика, но недостасуваше чекор за целосен резултатски пресврт и победа.
Турнирот во Швајцарија беше важна проверка во пресрет на големиот предизвик што следува, бидејќи македонската репрезентација веќе по завршувањето на настапот во Винтертур заминува за Данска, каде за шест дена ќе ги започне настапите на Европското првенство 2026.