МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ Е БУГАРСКИ НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС Бугарскиот министер Лорер најавува продолжен и позитивен дијалог меѓу Софија и Скопје
Даниел Лорер, бугарскиот министер за иновации, очекува во дијалогот двете страни да се почувствуваат посигурни.
Бугарски национален интерес е Македонија да се приклучи кон Европската Унија, пат на кој следен чекор е почетокот на преговори со Скопје. Отворањето на преговорите со Македонија треба да биде важна цел за бугарската дипломатија, изјави бугарскиот министер за иновации Даниел Лорер за БНР.
Лорер нагласил дека бугарски национален интерес е и Бугарија да се претвори во исклучително богата и социјално праведна држава, која е опколена со исти такви соседи.
– Со еден продолжен и позитивен дијалог со македонската страна ќе бидат постигнати условите, не само историски, туку и економски, академски, како и културни за врските меѓу двете држави. Тоа треба да се случи за да се почуствува секоја од двете страни далеку посигурна во тој дијалог – нагласил Лорер.
За изјавата на Слави Трифонов, Бугарија да ѝ дозволи влез на Македонија во Европска Унија, ако САД ги укинат визите за бугарските граѓани и ако земјата веднаш стане членка на Шенген зоната, Лорер рекол дека мислењето на Трифонов е „интересно“, бидејќи на тој начин тој поврзува еден билатерален спор со Европската Унија и со САД.