МАКЕДОНИЈА СТАНУВА ИЗВОЗНИК НА СТРУЈА И ТРАНЗИТНА ЗЕМЈА ЗА ГАС Мицкоски најави голем пресврт во енергетиката
Мицкоски обвини дека претходната влада, иако имала завршен проект, договори и финансирање, не направила ништо освен што спровела тендер „со основ за корупција“, поради што заемодавателите се повлекле.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска на собраниската седница за пратенички прашања објави дека по седум години застој, конечно започна реализацијата на гасниот интерконектор со Грција – проект кој ќе ја трансформира енергетската карта на Македонија.
– Конечно, по седум години политички игри и одложувања, започнавме со работа на гасниот интерконектор со Грција. Првпат, Македонија станува земја низ која ќе транзитира гас, сериозен чекор напред кон енергетска независност – изјави премиерот.
Мицкоски обвини дека претходната влада, иако имала завршен проект, договори и финансирање, не направила ништо освен што спровела тендер „со основ за корупција“, поради што заемодавателите се повлекле. Новата Влада, рече тој, ја коригирала тендерската документација, избрала изведувачи и добила зелено светло од странските партнери.
– Фирмата од пред еден месец е воведена во работа, теренските активности се завршуваат и околу 10 јули официјално ќе ја информираме јавноста дека се гради втор интерконектор. Овој е двонасочен, за разлика од постоечкиот со Бугарија, а ќе бидеме поврзани и со Србија и Косово – појасни Мицкоски.
Премиерот најави дека до крајот на 2026 или почетокот на 2027 година, интерконекторот ќе биде функционален и поврзан со националниот гасовод. Со капацитет од 3 милијарди кубни метри, и дополнителни 1,5 милијарди од исток, Македонија ќе транзитира четири пати повеќе гас отколку што троши.
– Ова е архитектурата на иднината, инвестираме во нови гасни централи и обезбедуваме сигурност и за стопанството и за граѓаните – порача премиерот.
Дополнително, Мицкоски најави и изградба на ветерен парк во Штип, Карбинци и Радовиш, кој ќе произведува 1 терават час годишно – еквивалент на 20% од вкупното производство на ЕСМ.
– Првпат очекуваме да завршиме година со енергетска рамнотежа, да произведеме колку што трошиме. Следниот чекор? Извоз на електрична енергија. Историски пресврт! – нагласи тој.
Мицкоски потенцираше и дека во соработка со Косово, Македонија обезбедила еден милион тони јаглен кој ќе се плаќа со електрична енергија, за разлика од порано кога, како што рече, се правеле сомнителни тендери и плаќања во кеш.
– Сега е поинаку, транспарентно, ефикасно, домаќински. И се поставува прашањето: зошто тогаш се плаќало поскапо и каде одела разликата? – праша премиерот.