МАКЕДОНИЈА СЕ ПРИКЛУЧИ НА САНКЦИИТЕ ПРОТИВ БЕЛОРУСИЈА Kaja Калас ја поздрави одлуката на девет европски земји

За Македонија, приклучувањето кон одлуката е продолжение на политиката на усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ како земја кандидат за членство. Скопје и претходно се приклучуваше кон европските рестриктивни мерки поврзани со Белорусија и со руската агресија врз Украина.

0

Македонија е меѓу деветте европски земји кои не се членки на Европската Унија, а се усогласија со одлуката на Советот на ЕУ за санкциите против Белорусија. Одлуката ја поздрави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас.

Покрај Македонија, кон одлуката се приклучија Албанија, Босна и Херцеговина, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Црна Гора, Норвешка и Украина. Овие држави се обврзаа своите национални политики да ги усогласат со одлуката на Советот на ЕУ.






„Европската Унија ја зема предвид оваа обврска и ја поздравува“, соопшти Калас.

Санкциите на ЕУ против Белорусија се воведувани и проширувани во повеќе наврати поради внатрешната репресија и кршењето на човековите права во земјата, а дополнително беа заострени поради поддршката што режимот на Александар Лукашенко ѝ ја дава на Русија во војната против Украина.

Советот на ЕУ во февруари годинава го продолжи важењето на рестриктивните мерки против Белорусија за уште една година, до 28 февруари 2027 година. Санкцискиот режим опфаќа индивидуални и секторски мерки, меѓу кои замрзнување имот, забрани за патување и ограничувања во повеќе области од економската соработка.

Брисел во декември 2025 година дополнително го прошири опсегот на санкциите, воведувајќи можност за санкционирање лица и субјекти кои учествуваат или помагаат активности на Белорусија што ги загрозуваат демократијата, владеењето на правото, стабилноста или безбедноста на ЕУ и нејзините членки. Повод за проширувањето беа и инцидентите со метеоролошки балони кои навлегуваа во воздушниот простор на Литванија.

За Македонија, приклучувањето кон одлуката е продолжение на политиката на усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ како земја кандидат за членство. Скопје и претходно се приклучуваше кон европските рестриктивни мерки поврзани со Белорусија и со руската агресија врз Украина.

Поврзани содржини