МАКЕДОНИЈА СЕ ПРИБЛИЖУВА ДО ЕВРОПСКИОТ ЕНЕРГЕТСКИ ПАЗАР Божиновска побара забрзување на интеграцијата

Во контекст на реформите, Божиновска информираше дека минатата недела е донесен новиот Закон за енергетика, усогласен со европското законодавство.

180

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, заедно со Националниот оператор на пазар на електрична енергија (МЕМО), зеде учество на второто издание на Форумот за интеграција на пазарот на електрична енергија, што се одржа во Европскиот парламент во Брисел. Настанот, под мотото „Taking Implicit Electricity Market Coupling Beyond EU Borders“, собра над 100 претставници од институции, регулатори и енергетски берзи од Европската Унија и Западен Балкан.

На панел-сесијата посветена на проширувањето на европскиот пазар до 2026 година, министерката за енергетика Сања Божиновска истакна дека интеграцијата на македонскиот пазар со Единствениот европски пазар е од суштинска важност.






– Интеграцијата на македонскиот организиран пазар на електрична енергија во Единствениот европски пазар е од стратешко значење за државата. Министерството целосно го поддржува процесот што го спроведува МЕМО. Станува збор за сериозен влог – зголемена ликвидност на пазарот, поконкурентни цени и поголема сигурност на снабдување, што директно влијае на економската стабилност и предвидливост – рече Божиновска.

Таа додаде дека интеграцијата со европскиот пазар може да значи и заштита од финансиските ефекти на CBAM (Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница), што, според неа, ќе има значајно позитивно влијание врз македонските компании.

Во своето обраќање, Божиновска потсети дека процесот на пазарно поврзување започнал во 2017–2018 година и дека моментално се работи на имплементација на европското законодавство и Планот за поврзување на пазарите под надлежност на ACER – Агенцијата на ЕУ за соработка на енергетските регулатори.

– Поради неизвесностите околу CBAM, императив беше поврзувањето на пазарите да се случи пред 2026 година. Иако веќе сме надвор од таа временска рамка, реално е да се стремиме кон поврзување помеѓу четвртиот квартал на 2026 и првиот квартал на 2027 година – изјави министерката.

Во контекст на реформите, Божиновска информираше дека минатата недела е донесен новиот Закон за енергетика, усогласен со европското законодавство.

– Создавањето посебно Министерство за енергетика, како и новиот Закон, се доказ за сериозноста со која пристапуваме кон секторот. Законот значи повеќе обновливи извори, намалување на загуби, отворен пазар и поголема улога за граѓаните како и производители и потрошувачи на енергија – додаде Божиновска.

На крајот од своето обраќање, министерката упати апел до европските институции.

– Да работиме заедно за забрзување на пазарното поврзување. Бенефитите се заеднички – од енергетска сигурност до економски раст. Само со засилена соработка можеме да изградиме стабилен, интегриран европски електро-енергетски систем кој ќе им користи на сите – порача таа од Брисел.

Поврзани содржини