МАКЕДОНИЈА СЕ ПОВРЗУВА СО ЕВРОПА Нови 22 летови од двата аеродроми
Вицепремиерот Александар Николоски објави мапа со новите линии и најави дополнителни мерки за развој на авиосообраќајот.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски објави дека се воспоставени 22 нови авио-рути кои ја поврзуваат земјава со повеќе европски дестинации.
На својот фејсбук профил, Николоски сподели мапа со новите линии од двата домашни аеродроми, нагласувајќи дека развојот на авиосообраќајот продолжува со засилено темпо.
— Силно се развива авиосообраќајот во Македонија. Отворени се 22 нови рути кои ја поврзуваат Македонија со цела Европа. Аеродромите во државата, со сè поголем број патници, стануваат лидери во регионот. Продолжуваме во периодот што следи со уште повеќе активности за зајакнување на авиосообраќајот — напиша Николоски.
Засега нема детали за сите дестинации поединечно, но од ресорот најавуваат дека целта е зголемување на поврзаноста на земјата и поттикнување на туристичкиот и економскиот раст.