Македонија сама се раздава

Нашите подопашкари не се загрижени за историско-националните последици врз Македонците и врз опстанокот на државата Македонија, чиј политички и територијален суверенитет го раздаваат на Грците, на Бугарите, на Албанците, како да се на задушница исправени пред самоизградената могила – татковината.

1,553

Цинично омаловажување и игнорирање на македонската држава и на македонскиот народ деновиве ни приредија Албанците, преку партиите кои се претенденти да бидат партнери со Македонците во идната власт. Проследено со политички фанфари, нѐ потсетија на одамна обележаниот коридор Струга, Дебар, Гостивар, Тетово, Скопје, Генерал Јанковиќ – Приштина, обезбедуван и контролиран од албанските и од американските стратешки политики за западна Македонија, кои постепено се реализираат со помош на Македонците – марионети во власта, за денес, голем дел од територијата на Македонија отворено да се стопува во Голема Албанија, како веќе оформена главна американска база во Европа – Косово, Илирида и Албанија.

Ова е знак за дефинитивно дотолчување од страна на Американците, преку Албанците, на сѐ што остана македонско, со целосна негација на македонската нација и на отворена окупација на територии, со дивеење под растегнатите големоалбански знамиња. Целта е да се прикаже албанскиот национален подем, а македонската нација – редуцирана и обезличена етничка безимена група во исчезнување.






И, во право се.

Откако доброволно ни го натурија „единственото решение“ да се самоукинеме како Македонци во сопствената држава и да нѐ снема во соседството, вирееме како безимен народ – нација за внатрешна употреба, но сега во изменети позиции, со Албанците кои со ветер од зад грб, на наша сметка, користејќи ги нашите политички и национално предавнички отстапки се наметнаа како неконтролирана самодвижечка сила, преземајќи ја целосната фактичка и политичка власт во државата. Денес, тие имаат прилика своето никогаш запоставено големоалбанско прашање – сите Албанци во една држава – успешно да го решат и да го поклопат заборавеното и раскинатото од самите нас – македонското прашање.

Преставувајќи се себе како жртви на српскиот и на македонскиот национализам, потпомогнати од надворешни стратешки интереси, пред се на Америка, окуражени и самосвесни, со добро водената осмислена албанска национална стратегија преточена во големоалбанска, на македонска територија, пред наши очи успешно ни приредија национална експанзија – без војна, мирнодопски да ја реализират Голема Албанија.

Тие, за разлика од нас Македонците, кои досега сме раселувани, протерувани, асимилирани, уништувани, проретчувани, го немаат нашиот срамен „проблем“ за национално помирување и обединување околу една стратешка програма за опстанок на сопствената нација во сопствената држава. Тие имаат „дефинитивна“, концентрирана и насочена агенда од која никогаш не отстапиле, бидејќи во себе ја вкорениле како душевна храна која им дава сила да се борат за тоа што го сакаат.

Тука е разликата и причината зошто Албанците го јакнат својот национален идентитет, кој никогаш не им е доведен во прашање, а ние, без трошка срам, на очиглед на светската јавност, неодговорни за себе, дозволуваме да исчезне нашиот македонски национален идентитет, сосе нас самите. Не нѐ засега ни заканата ваквото наше дереџе да ни се удри од глава, како голем и последен историски пораз на нас – македонскиот народ, кој дал неброени жртви за сопствената национална држава, создадена врз коските на нашите предци, кои за разлика од нас, имале слободарски дух и волја да се борат за добивање на сопствена држава, која ние, денес, ја разоруваме и раздаваме со сѐ вграденото национално чувство и свест .

Сѐ збришавме!

И Илинден. Подопашкарите, откако го испоганија, најавија Декларација за Илинден (?!), која не се осмелуваат да ја обелоденат пред народот… И НОБ и АСНОМ. Талкаме зад Албанците. Откако тие бесправно ги изградија своите балистички споменици, после 20 години од наметнатиот конфликт, на нас отпосле ни текна „да не останеме покусо“, со срамно доцнење и барање дозвола (?!) да градиме спомен-обележја на нашите залудно паднати синови…

Е, ееј, Македонијо немакедонска! Раздавана од непрокопсаните и ненародни „водачи“, како маглина ни исчезнуваш зад хоризонтот на нашиот видик!

А можевме, а требаше, како стар цивилизациски народ со европски и светски просветителски и културни придобивки, како перспективен народен ентитет со пребогат фолклор и со вкоренета традиција и стекнати и надградени културни творења, да не ги погазиме и да не ги раздадеме од себе создадените шанси да станеме – национален идентитет.

Не ни се виновни Албанците што Македонците од власта, во политичка ситуација кои сами ја создадоа, како зависни и сраснати со албанскиот фактор и кауза, постепено, свесно ја промовираа Илирида, надевајќи се дека само така ќе добијат поддршка да останат на власт, од Албанците, а со тоа и од Американците – Калето, кое е заинтересирано за Илирида, а поради неа и за актуелните криминал – коридори кои инсистира да се градат… Нашите подопашкари (и на Албанците и на Американците) не се загрижени за историско-националните последици врз Македонците и опстанокот на државата Македонија чиј политички и територијален суверенитет го раздаваат на Грците, на Бугарите, на Албанците, како да се на задушница исправени пред самоизградената могила – татковината. Затоа, избирајќи го опстанокот во власта како некаков дел од мултиетничка криминална банда, битно (сакаат) да го забрзаат и тоа насилум внесувањето на Бугарите во Уставот, што значи катапултно исфрлање на Македонците од него, а со тоа ќе се забрза и развојот на настаните во врска со почнатото големоалбанско прашање во Македонија и Балканот, пред сѐ Србија, која стенка под фашистичката добронамерност на Хил…

Не е виновен ни НАТО-вскиот телал Курти, кој не случајно, врз окупираната „мултиетничка Македонија“, земја со „мултиетничка демократија“ низ која секој може да крстари и да се изживува кога сака и како сака, „приватно“ се прошета и дочекан како арамбаша ни одржа политички говор. Поосебно нагласуваќји ни да се „држиме“ за Албанја, за Косово, за Бугарија… никако за Србија, ако сакаме да стигнеме во Европа!

Кој сѐ политички слепец не дојде и не ќе дојде да ни ја дрви пред нас својата ништожност како личотија на подмолниот им личен интерес, претставуван пред нас како мудрост или заповед. Но, тоа што се случува на тлото на „националната држава на македонскиот народ“, со отворена соработка на заинтересираниот странски надворешен фактор и на Македонците, кои како послушници на наредбодавците прифатија да ја пресоблечат АСНОМ-ска Македонија со измислено мултиетничко руво, е бележан период на спонтана и мирнодопска неутрализација на македонскиот национален фактор, кој веќе се збрише.

Главната вина и одговорноста се во самите нас, во политичките и во интелектуалните челници, во нивниот предавнички однос, во себичноста, во неукоста и неспособноста, во несовесноста, во немањето визија и желба да се согледа и спаси замаглениот македонски историски хоризонт, за да се присобере растуреното национално добро и да се санира иднината на Македонија и на македонската нација.

Зар може некој поинаку да тврди, кога како незаинтересирани набљудувачи на дрскоста, сега повторена (на Османи му се предадоа клучевите од Тетово?), пред очи, намерно избрано, со славење да ни ја бришат улицата Втора Македонска ударна бригада, со историско и битно значење за македонскиот опстанок, заменувајќи ја со име на Косовар кој се борел за Голема Албанија?

Што е тоа ако не е срамно понижување и игнорирање на македонската борба, со промовирање на косовизација и на Скопје?

Што е тоа ако не послание за двонационалноста на македонското устројство и политичкото ривалство (ако можеш ти, можам и јас), кој каршилук и отворен паралелизам е неминовна фаза на албанскиот експанзионизам и сецесионизам кон Голема Албанија?

Да одговорам на прашањата пред кои, како пред срамен столб нѐ исправија македонските изроди: тоа е задоволување на апетитите на големоалбанските претензии кон Македонија, со растурање на Македонија!

Така, Албанците, со „навала пред гол“, самоуверено и планирано ја заизвадија заглавената историска пречка – вековната македонска национална историска вистина која им пречи на експанзионистичките програми на Америка, исто како и на соседите, со таа разлика што Американците, секаде, па и кај нас ја играат демагошката улога на „отпосле“…  Специјализирани за „мировни“ мисии ширум светот, како спасители се јавуваат да гаснат или смируваат таму каде што претходно запалиле или нафитилиле. Така (мислат) го покриваат своето неоколонијално присуство со модифицирани „демократски“ и покровителски варијанти. Нема кој тоа не го знае, но ние Македонците упорно не отстапуваме да им изразиме секаква благодарност и понизност, во секое време. Во сето тоа, интерес имаат Албанците, а кој е интересот на Македонците, до сега и отсега?

Мој народе! Македонското прашање е сѐ уште отворено и „недокрајчено“… Сѐ уште зависи од нас Македонците, а тоа е готовноста да ја ревитализираме Македонија со враќање кон АСНОМ-ските корени.

Без граѓанска национална држава на Македонците, нема Македонија!

Поврзани содржини