🎥 МАКЕДОНИЈА ПОВТОРНО ЌЕ БИДЕ НАША Премиерот Христијан Мицкоски ја честиташе Новата година
Премиерот Христијан Мицкоски истакнува дека во 2025 година Владата ќе работи посветено и одговорно за поквалитетен живот на сите граѓани, посочувајќи дека Владата отвори фронт против криминалот и корупцијата.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, со видеообраќање, објавено на неговиот фејсбук-профил, им ја честитка Новата 2025 година на граѓаните на Македонија.
Во обраќањето Мицкоски вели дека изминатата 2024 година била година на предизвици, но и година на нови почетоци, а дека претстојната 2025 година „ќе биде година на раст, ред и на интеграција“, вложување во економијата, инфраструктурата и во образованието „со фокус на подобар живот за сите“.
– Почитувани граѓани на Македонија, драги мои сограѓани, драги пријатели, измина уште една година зад нас. 2024 година беше година на предизвици, но и на нови почетоци. Народот ја одбра иднината и ни даде мандат за промени. Наследивме држава во тешка состојба, но со труд и јасен план постигнавме раст од 3%, зголемување пензии и плати, нови инвестиции и проекти за подобрување на животот. Отворивме фронт против криминалот и корупцијата и ја поставивме основата за стабилен развој – вели меѓу другото Мицкоски.
Премиерот истакнува дека во 2025 година Владата ќе работи посветено и одговорно за поквалитетен живот на сите граѓани.
– 2025 година ќе биде година на надеж, оптимизам, успеси и многу работа. Ќе работиме напорно и посветено во 2025 година за да успееме да ја изградиме Македонија каква што сите вие, граѓаните, ја посакувате и каква што сите ние заедно ја залужуваме. Македонија која ќе биде повторно ваша. Среќна и успешна Нова година, исполнета со здравје, среќа и со многу љубов. Бог да ги благослови Македонија и нејзините граѓани – истакнува Мицкоски во новогодишното обраќање, објавено на Фејсбук.