📷 МАКЕДОНИЈА ОБОЕНА ВО ЦРВЕНО, ДОМИНАЦИЈА НА ВМРО-ДПМНЕ Ќе работиме и ќе го обединиме народот, порача Мисајловски
Мисајловски најави почеток на нова ера со работа и обединување, ВМРО-ДПМНЕ ќе раководи со повеќе од две третини од општините во земјата.
Македонија е обоена во црвено. Од Кичево до Кочани, од Брвеница до Валандово, граѓаните го направија својот избор. Со освоени 54 општини и Град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие локални избори. Владината коалиција, според партијата, на овие избори покажала дека е стабилна и легитимна, со вкупно освоени 66 општини од вкупно 81.
– Оваа голема победа е и голема одговорност и обврска за работа и испорачување на резултати – изјави на денешната прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
Тој изрази благодарност до граѓаните кои ја поддржале партијата и коалицијата.
– Ветуваме дека нема да ве разочараме и обезличиме. Нашиот образ мора да биде чист, а тоа ќе го направиме со работа и со проекти – рече потпретседателот.
Мисајловски ја истакна историската победа во Кичево, каде, како што рече, паднал Фатмир Дехари и ДУИ, што го оцени како доказ за обединување на граѓаните без оглед на етничката припадност.
– Обединувањето во Кичево е пример како ќе се гради Македонија. Огромна победа во Брвеница на Јовица, и покрај сите дејствија на неговиот противкандидат. Албанците, Ромите, Турците, Србите, Бошњаците – сите покажаа дека националните и етничките приказни паѓаат во вода – нагласи Мисајловски.
Во продолжение, тој истакна дека Сотир Лукровски е новиот градоначалник на Карпош, а Орце Ѓорѓиевски ја презема функцијата градоначалник на Град Скопје.
– Граѓаните одбраа промени и во Валандово, Дојран, Дебарца, Демир Капија, Крушево, Пробиштип, Росоман, Чучер Сандево, каде локалната власт ќе биде раководена од нови кадри на ВМРО-ДПМНЕ. Победивме и во Аеродром, Виница, Конче, Неготино, Лозово, Македонски Брод, Могила, Ранковце и Чешиново-Облешево – наведе Мисајловски.

Тој порача дека опозицијата доживеала длабок пораз и дека СДСМ и ДУИ мора да се реформираат.
– Нивните политики граѓаните ги имаат прочитано и повеќе не поминуваат. На Македонија ѝ е потребна конструктивна опозиција која ќе дава аргументирана критика и поддршка на реформите. Проблемот во СДСМ е Филипче, затоа што е продолжена рака на Заев, и сè додека е така – СДСМ ќе тоне – додаде тој.
Мисајловски истакна дека партијата ќе ги слуша и граѓаните кои не излегле на избори или чиј глас бил неважечки.
– Ќе работиме да го промениме нивното мислење со работа и со проекти. Време е Македонија да стане поактивна, време е за промени. Нашите граѓани заслужуваат повеќе – порача Мисајловски.
Тој додаде дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, веќе активно се бори во Брисел за членство на Македонија во Европската Унија.
– Мора да бидеме горди, достоинствени и со интегритет – заврши потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.