МАКЕДОНИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ ПОТЦЕНИ Италијанските медиуми ја скенираа играта на нашите фудбалери
Од селекциите кои беа потенцијални ривали Македонија делуваше како најдобро решение, па на хартија можеби и така делува дека Италија не мина лошо на ждрепката, ама во реалност и не е така, пишуваат медиумите во Италија.
Италијанскиот селектор Роберто Манчини најави веднаш по ждрепката дека Македонија е незгоден ривал и добар тим, а италијанските медиуми ја искенираа четата на Благоја Милевски и сите угледни весници потенцираат едно исто – далеку од лесен залак.
„Македонија е сѐ само не е лесен залак. Завршија во квалификациите зад Германија, а баш Германците најдобро од сите знаат колку овој тим е незгоден, зашто сѐ уште се свежи сеќавањата за поразот кој го претрпеа во март. И Македонците се многу вешти пред сѐ во изборот на тактиката, зашто селекторот и тимот се како еден камелеон, лесно прилагодлив на секој противник и не се робови на една тактика и една формација. Патем овој тим има доста ‘италијански шмек’, од Елмас, од влијанието на Пандев, од Несторовски, во Италија играше и Ристовски“, пишува порталот „Фудбал Њус 24“.
Македонија игра во формација 4-3-3, која се прилагодува и во 4-2-3-1, а Елиф Елмас е фудбалерот кој е наследник на легендарниот Горан Пандев, како најголема ѕвезда на овој тим, заклучуваат „Скај Италија“ и „Еуроспорт“, но…
„Елмас го знаеме од Наполи, откако дојде летото 2019 година и во синиот дрес има седум гола и четири асистенции и 98 настапи во сите натпреварувања, ги даде клучните два гола против Исланд за пласман во баражот, но посебно внимание треба да се обрне и на ‘десетката’ Енис Барди, исклучително талентиран фудбалер за врска со голем потенцијал од шпански Леванте, со извонреден преглед на игра и креативност“, пишува „Скај Италија“.
Италијанската верзија на „Еуроспорт“, пак, потенцира дека Македонија е во еден моментум кој е започнат со пласманот на Еуро 2020.
„Од селекциите кои беа потенцијални ривали Македонија делуваше како најдобро решение, па на хартија можеби и така делува дека Италија не мина лошо на ждрепката, ама во реалност и не е така. Овој противник здраво за готово не смее да се земе, ќе мора со висок гард да се пристапи, а зошто е тоа така – сетете се само на Германија! Со 18 освоени бода во групата, 23 дадени голови, македонскиот фудбал очигледно е дека е во својот извонреден моментум, кој започна со пласманот и настапот на Еуро 2020. И не треба да се заборави, дека еден адут плус ќе има Македонија за во март – Илија Несторовски“, потенцира „Еуроспорт“.
За Македонија самиот настап во баражот е историски, првпат играме во завршница за Светско првенство, ривал ни е четирикратниот светски шампион, актуелен европски првак, а во меѓусебни пресметки, Италија има една тешка победа и едно реми.
„Ако ги погледнете меѓусебните пресметки немаме пораз, ама ако суштински навлезете, победата во Скопје извојувана во судиско надополнување со гол на Чиро Имобиле, а дома изненадени со реми после кое испаднавме од трка за директен пласман на Мундијалот 2018“, посочува „Скај Италија“.
Порталот „Калчо Тудеј“ посочува неколку причини зашто полуфиналето со Македонија, ама баш ич нема да биде лесен за Италија.
„На хартија едноставно, а во реалност – многу комплицирано. Никој не смее да помисли дека ќе биде лесно, прво зашто Италија веќе покажа дека е ‘ранлива’ со многу послаби селекции на хартија, а изминативе три месеци го видовме тоа и со Бугарија (1-1) и со С. Ирска (0-0). Второ, Македонија е селекција која заврши зад Германија, а пред една Романија која воопшто не е наивна селекција и пред еден Исланд. Трето е што Македонија иако не е тим полн со врвни ѕвезди од највисоко ниво, има тим кој знае што сака и Германија го почувствува тоа. Го нема Пандев, кој во јуни после Еуро 2020 реши да оди во пензија и тој нема да биде во тимот, освен ако нѐ изненади и сензационално да се врати“, пишува порталот во дел од својата анализа.