МАКЕДОНИЈА ИМА НАЈНИСКА ИНФЛАЦИЈА ВО РЕГИОНОТ Мицкоски порача дека владата има план и резерви за секој предизвик
Премиерот рече дека голем предизвик во услови на две војни е да се обезбеди навремено доволно снабдување на граѓаните и бизнисот со енергенси.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на движењето на инфлацијата во државата и споредба со другите држави рече дека во услови на две војни од која едната се разгорува повторно предизвик е на владата да обезбеди доволни количини енергенси и притоа да не дозволи разгорување на инфлацијата. Притоа рече и дека владата има план и резерви за секој предизвик.
– Инфлацијата е еден од тие сегменти коишто се случуваат во вакви предизвикувачки времиња. Ние во моментот, во јуни успеавме да имаме најниско ниво споредено со сите држави во регионот. И посебно ме радува што кај храната таа е некаде околу 2,5%, односно кај обувките и облеката околу 2,1%, односно е под 3%. До 3,4% контрибуираат тутунот, тутунските производи и алкохолот. И исто така транспортните услуги поради високите цени на горивата – рече Мицкоски.
Тој рече дека во услови на две војни кои го нарушуваат снабдувањето со енергенси и други производи предизвик е да се обезбеди навремено снабдување и доволно снабдување на граѓаните и бизнисот со енергенси и тие да бидат по ниски цени.
Тој , како што рече, претпоставува дека битолчани се сведоци, како дел од соседите доаѓаат тука и ги користат потенцијалите на бензинските пумпи коишто се во околината на Битола или во Битола за да ги наполнат своите резервоари со гориво.
-Што значи дека ние обезбедуваме и за нив, не само за нашите потреби – рече Мицкоски.
Тој потсети дека земјава има статистички убедливо најниска цена на горива и се надева дека конечно конфликтот на Блискиот Исток ќе заврши и владата ќе може да планира поструктурирано и појасно во периодот којшто следи.
-Но и да продолжи, ние имаме план, имаме доволно резерви како да одговориме на овој предизвик – рече Мивкоски.
Притоа забележа дека одредени политички сили во државата шириат бран на негативна енергија.
-Тоа впрочем се случува две години, се сеќавате ќе банкротиравме 2024, па не тогаш, еве преживеавме. Па 2025 ќе банкротиравме, не банкротиравме. Еве сега 2026 ќе сме банкротирале, еве нема да банкротираме. Финансиски стоиме многу подобро од било кога. Па мигранти ќе доаѓале, само што не дошле, еве и април помина, јули дојде, мигрант не видовме и така натаму. Тие ќе си продолжат со лаги, тоа е дел од нивната политичка стратегија. Ние треба да се фокусираме на она што претставува наша цел. И ако таа цел е вистински наша цел, ние ќе ја реализираме таа цел. Битно е да, во спортски жаргон да се изразам, да го оставиме срцето на терен. Ако го оставиме, тогаш резултати ќе има – рече Мицкоски.