МАКЕДОНИЈА ИМА МОЖНОСТИ ЗА ИНВЕСТИРАЊЕ ВО ДАТА ЦЕНТРИ И ВО ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА Андоновски во Белград ги пофали македонските услови за нови технологии

Тука сме да отвориме нови можности за инвестиции во дата центри, примена на вештачката интелигенција и развој на технолошки компании, како и да привлечеме што е можно повеќе компании, разновиден капитал и ново знаење во Македонија, рече министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кој учествуваше на економскиот форум BELTALKS 2026.

1

Во Македонија има можности за инвестирање во областа на новите технологии и вештачката интелигенција, порача министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, кој учествуваше на економскиот форум BELTALKS 2026, кој вчера и денеска се одржува во Белград, Србија, во организација на GLOBSEC.

Министерот Андоновски беше говорник на панел-дискусијата „Градење економија заснована на вештачка интелигенција: податоци, инфраструктура и конкурентност“.






– Разговараме за иднината на регионот од економски аспект, а јас ги претставувам можностите за инвестирање во Македонија во областа на новите технологии и вештачката интелигенција. Имаме добар почеток, затоа што Македонија забележа раст на БДП од 3,7 проценти во првата половина од 2026 година и раст од 4,3 проценти во вториот квартал, во услови на ниска инфлација. Овој раст е воден и од инвестициите во ИКТ-индустријата и технологијата – изјави Андоновски.

Тука сме да отвориме нови можности, додаде тој.

– Да отвориме нови можности за инвестиции во дата центри, примена на вештачката интелигенција и развој на технолошки компании, како и да привлечеме што е можно повеќе компании, разновиден капитал и ново знаење во Македонија – додаде министерот.

На панелот учествуваа и претседателката на Народното собрание на Република Србија, Ана Брнабиќ, претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж и претседателот на Извршниот одбор на  Yettel Bank, Александар Богдановиќ.

Дискусијата беше насочена кон можностите Западен Балкан да се позиционира како центар за иновации, дата центри и нови технологии, како и кон значењето на дигиталната инфраструктура, енергетските капацитети, човечкиот капитал и поволното деловно опкружување за привлекување високотехнолошки инвестиции.

Министерот Андоновски ќе учествува и на затворената тркалезна маса „Еден регион, еден пазар? Трговијата, работната сила, инвестициите и иднината на регионалната интеграција“.

BELTALKS 2026 го отвори премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, додека завршното обраќање е предвидено за претседателот Александар Вучиќ. Форумот обединува високи политички претставници, носители на одлуки и претставници на деловната заедница од регионот и Европа.

Поврзани содржини