МАКЕДОНИЈА ИМА ДВЕ ПРОРУСКИ ПАРТИИ Ахмети распали по Левица и по Бачев
Сепак, Ахмети не ја вбројува ВМРО-ДПМНЕ во проруските партии. Таа не била дел од тие структури.
„Во земјава има политички партии, кои делуваат проруски и имаат многу влијание од истокот. Тие соработуваат со руските интереси и тоа не е тајна во државава, само можеме да се правиме дека не ги гледаме.“
Ова го изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети на брифинг со новинарите во Мала Речица.
На новинарско прашање кои се тие партии, тој рече дека тие се партијата на Јанко Бачев и Левица. Според Ахмети, Левица е партија која е отворено против Охридскиот и Преспанскиот договор, а и против признавањето на Косово и против членство во НАТО.
Сепак, Ахмети не ја вбројува ВМРО-ДПМНЕ во проруските партии. Таа не била дел од тие структури.
Лидерот на ДУИ исто така смета дека земјава е мала и мора да се определи, а не да игра со двете страни, мислејќи на НАТО и на Русија. Тоа, според него, било одлика на времето на другарот Тито.
Инаку, Ахмети е против предвремени парламентарни избори, затоа што според него Македонија има многу задачи за извршување, а оптимистички очекува решение за спорот со Бугарија по Нова година. Тој изјави дека ставот на Бугарија бил да се признае бугарското малцинство во Македонија, но дека тоа не било прифатливо за нашата страна.