МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА НАЕСЕН ЌЕ ПОТПИШАТ ДОГОВОР ЗА ЖЕЛЕЗНИЦАТА За пругата од Крива Паланка до тунелот ќе се бара изведувач до крајот на годината

352

Македонска и бугарска делегација во Брисел одржаа состанок на кој двете држави ја потврдија посветеноста и потребата за довршување на железничкиот коридор 8, соопшти Министерството за транспорт. Последниот ваков состанок е одржан во октомври 2024 година.

„Двете страни разговараа за напредокот што е постигнат во последните месеци и се согласија за потребата од обновување на напорите за подготовка на студии и на тендер за завршување на прекуграничните делови од Коридорот, со посебен осврт на тунелското решение. На состанокот на високо ниво се договорија чекорите во следните месеци, при што беа идентификувани приоритети. Меѓу нив е Македонија повторно да го обкави  тендерот за работите на железницата меѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел, до крајот на 2025 година“, се вели во соопштението.






Исто така, се додава, се зборувало и за активностите што ги презема бугарската страна за нивниот дел од железницата.

„Во врска со заедничкиот проект за изградба на прекуграничниот тунел помеѓу Ѓуешево и Деве Баир, двете страни се договорија да формираат работни групи кои до крајот на јули ќе го финализираат текстот на меѓувладиниот договор, со цел да се утврдат конкретните обврски на двете страни за техничките, финансиските, градежните и оперативните аспекти. Двете страни се согласија да продолжат со активностите за изградбата на прекуграничниот тунел, кој ќе биде изграден во согласност со постоечкиот технички проект доставен од страна на Македонија. Исто така се разговараше и за содржината и за потпишувањето на договорот за оваа есен, со што би се отворил патот за почнување на градежни работи на почетокот на 2026 година“, се вели во соопштението од Министерството за транспорт.

Македонија и Бугарија, се додава, се обврзаа да ги истражат најсоодветните можности за заедничко аплицирање за финансирање од ЕУ или од партнерските финансиски институции за заедничка изградба на тунелот. Европската инвестициска банка, која исто така беше дел од средбата, понуди своја подготвеност да помогне во техничките дискусии и во целокупниот процес, се додава во соопштението.

Источниот дел од Коридор 8 ги поврзува Македонија и Бугарија и е дел од Европскиот транспортен коридор Западен Балкан-Источен Медитеран.

На состанокот присуствуваа државниот секретар на Министерството за транспорт на Македонија, Стефан Волкановски, директорот на ЈП Железници Инфраструктура, Синиша Ивановски, заменик-министерот за транспорт и врски на Бугарија, Љубен Нанов, а во организација на Валентина Суперти, директор за Западен Балкан во Директоратот за проширување и Источно соседство.

 

Поврзани содржини