Македонија го нема лекот број еден за лекување на тешките случаи на ковид-19, а можеше да го има!
Со половина уста. Ете така за начинот на кој во македонските болници се лекуваат пациентите заболени од ковид-19 зборуваат македонските здравствени власти. Почнувајќи од министерот за здравство Венко Филипче, кој и во последниот настап во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, иако директно запрашан со кои лекови се лечат нашите пациенти, одговараше начелно и главно лаконски, без да каже кои антивирусни лекови се користат кај нас, кога се знае дека широко користениот „тамифлу“ е неефикасен.
Како се лекуваат пациентите на Инфективна клиника?
Од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби Плусинфо сепак доби информација дека болните од ковид-19 на таа клиника се лекуваат со пулсно кортико, со антивирусниот лек „фавипиравир“, со ковалесцентна плазма, со „актембра“ и, дополнително на ова, со рутински принципи за лекување. Во оваа установа се хоспитализирани 83 пациенти, на кислородна поддршка се 49, а само 1 е на механичка вентилација.
Од Инфективната клиника не појаснуваат кои лекови конкретно се употребуваат во пулсно кортико терапијата, но дознаваме дека во Македонија има неколку такви медикаменти. Антивирусниот лек „фавипиравир“, познат и како „авиган“, е познат по добрите резултати кај полесните случаи. Неговата добра страна е што нема контраиндикации, освен кај бремените жени. Лекот „актембра“ е на компанијата „Рош“ (негова паралела е „тоцилзумаб“) примарно е за лекување на ревматиден артритис, но и за астма. Претпоставуваме дека под „рутинските принципи на лекување“ се мисли на терапија која се употребува за санирање на последциците од вирусната инфекција, терапија во која спаѓаат и антибиотиците.
Плусинфо доби и неофицијални информации за тоа како се лекуваат пециентите во домашни услови, водени од нивните матични лекари. Така, пациентите кои се лекуваат дома најчесто добиваат антибиотици „азитромицин“ („сумамед“) и „панцеф“, како и „парацетамол“ или „ибупрофен“. Некои матични лекари аплицираат и ампули „дексаметазон“, најчесто во инхалатор. Во последно време некои лекари го воведуваат и имунистимулаторот „изопринозине“. Кон оваа се додаваат и високи дози на витамин Ц.
Како лекуваат Словенците?
Неодамна беше објавена информација како се лекуваат пациентите заболени со ковид-19 во Словенија.Оние со сериозни симптоми добиваат „ремдесивир“, „фавипиравир“ и „дексаметазон“, лекови за кои истражувањата покажуваат дека можат да бидат потенцијално ефикасни.
– „Ремдесивир“, антивирусен лек, се користи кај оние на кои им е потребна интензивна нега или имаат силно зголемена потреба од снабдување со кислород – објасни Матеја Логар, инфектолог во Универзитетскиот медицински центар во Љубљана.
На оние кои имаат нешто поблаги симптоми и се во почетната фаза на болеста, им се дава „фавипиравир“, лек кој досега се користел за лекување грип. И во Македонија се користи „фавипиравир“, но не е познато колкави се залихите од овој лек, кој потекнува од Јапонија, а масовно се користи во Бугарија и во Турција, на пример. Според сознанијата на Плусинфо, Македонија има само ограничени количини од овој лек.
Во Словенија, на оние на кои им е потребен кислород, но го примаат за време на период кога лекот „фавипиравир“ повеќе не е одржлива опција, им се дава „дексаметазон“, кортикостероид што се користи со децении, главно за лекување на разни видови воспаленија.
– Тие се лекови кои се покажаа врз основа на повеќе студии ефективни и имаат релативно поволен безбедносен профил – објаснува Логар.
Словенечките лекари не користат „хидроксихлороквин“, лек за артритис, кој исто така може да се користи за да се спречи маларија, ниту пак го користат антибиотикот „азитромицин“ или ХИВ лекови, затоа што се покажале како неефикасни во неколку студии.
Битка за „ремдесивир“
Клучната разлика во терапевтскиот пристап, односно клучната слабост на терапијата во Македонија е недостигот на лекот „ремдесивир“. Светските медиуми во почетокот на јули пренесоа вознемирувачка вест дека американската администрација го купила речиси целото количество на лекот „ремдесивир“ за следните три месеци. Американскиот претседател Доналд Трамп склучил „одличен“ договор со „Џилид Сајенсис“ за 500.000 дози, што претставува речиси 100 отсто од вкупното производство на компанијата во месец јули, 90 отсто во август и 90 отсто во септември. Но, кон крајот на јули Европската комисија обзнани дека потпишала договор со „Џилид“ за набавка на лекот „ремдесивир“, па така, од почетокот на август, 30.000 пациенти со тешки симптоми во земјите на ЕУ и во Велика Британија ќе го добијат овој лек број еден.
Од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје ни потврдија дека го немаат лекот „ремдесивир“ и дека очекуваат да пристигне.
– Во моментов побарувачката за овој лек е голема и наскоро се очекува да имаме повеќе информации околу пристигнувањето. Во периодот досега очекувано е и се уште очекуваме испорака на лекот во склоп на истражувањето „Солидарити“, водено од Светската здравствена организација. Во меѓувреме испратени се и побарувања за набавка на лекот и до неговите производители – велат од Инфективна.
Знае ли некој што прават Русите?
Плусинфо упати прашања и до Министерството за здравство и до Градската општа болница „8 Септември“, за тоа со кои лекови се лекуваат болните од ковид-19. Во очекување сме да добиеме одговори, но по се изгледа дека тие нема битно да се разликуваат од одговорот што го добивме од Инфективната клиника.
Медицински експерти велат дека покрај раното дијагностицирање на ковид-19 и интердисциплинарниот пристап во третманот на болеста, клуч за успешно лечење и за намалување на смртноста е употребата на антивирусните лекови кои даваат добри резултати. Тоа првенствено се однесува на лекот „ремдесивир“ за пациентите во потешка фаза на болеста, како и на „фавипиравир“, кој е лек на избор кај болните со полесна клиничка слика.
Во меѓувреме, несекојдневна вест стаса и од Русија, каде што е одобрен нов антивирусен лек, под името „коронавир“. Производителот „Р-Фарм“ не соопштува многу детали за овој лек, но познавачите се сомневаат дека станува збор за руска паралела на лекот „ремдесивир“. Според стариот добар обичај, одговорните во Македонија немаат никакви подетални информации за оваа терапија, како што немаа и за лекот „ремдесивир“ во март и во април, кога Плусинфо и повеќе други медиуми пишуваа за овој лек, кој тогаш производителот го нудеше бесплатно за клинички истражувања.