МАКЕДОНИЈА ЌЕ СЕ ПРИКЛУЧИ КОН СТРАТЕШКИ ПРОЕКТИ НА ЕУ ЗА ИСКОП НА РЕТКИ МИНЕРАЛИ Со новите закони ќе се раздвижат инвестициите во рударството

Од новите закони поголеми економски придобивки ќе има и државата, зашто се зголемуваат таксите и рударските надоместоци, а воедно се поттикнуваат рударството и одржливите инвестиции. Се очекува и засилена борба против „дивите рудници“ и нелегалната експлоатација на минерални суровини. 

802

Законот за минерални суровини наскоро ќе замине во историја. Него се очекува да го заменат Законот за рударство и Законот за геологија. Нацрт-текстовите на новите законски решенија веќе се наоѓаат на јавен увид и, како што соопштија од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, тие се целосно усогласени со европската регулатива. Од ресорното Министерство истакнаа пет главни цели на новите закони, меѓу кои и подобрена заштита на животната средина, преку строги еколошки стандарди за експлоатацијата и преработката на минералните суровини, како и обврска за санација и рекултивација на теренот.

Се најавува засилена поддршка на локалните заедници, но и поголема контрола и транспрентност, со засилен надзор врз работата на рудниците од страна на државните институции. Од новите закони поголеми економски придобивки ќе има и државата, зашто се зголемуваат таксите и рударските надоместоци, а воедно се поттикнуваат рударството и одржливите инвестиции. Дополнително, се очекува и засилена борба против „дивите рудници“ и нелегалната експлоатација на минерални суровини.






Една од најголемите новини е прифаќањето во домашното законодавство на директивите на Европската Унија, кои се однесуваат на критичните минерални суровини и т.н. стратешки проекти во рударството. Поконкретно, усогласувањето е со минатогодишната директива на ЕУ, која цели кон енергетска независност на Унијата од трети земји, особено за минерали како што се литиумот, бакарот, кобалтот и други минерали кои се неопходни за исполнување на целите од зелена агенда. Односно, за снабдување со критични материјали без кои не би можело да се градат ветерници, електрични возила и генерално да се создава зелена енергија, а за што ЕУ во најголема мера зависи од Кина и од САД. Согласно новото законско решение кај нас, пристапот до стратешките минерални суровини е од суштинско значење за економијата на државата.

„Стратешките минерални суровини се сметаат за критични поради нивната висока економска важност и нивната изложеност на висок ризик за снабдување, често предизвикан од висока концентрација на понуда од неколку трети земји. Со оглед на клучната улога на многу вакви критични суровини во реализацијата на зелените и дигиталните транзиции и во светлината на нивната употреба за одбранбени и воздушни намени, побарувачката веројатно ќе се зголеми експоненцијално во наредните децении. Во исто време, ризикот од прекини во снабдувањето се зголемува во позадината на зголемените геополитички тензии и конкуренцијата во ресурсите“, се наведува во нацрт Законот за рударство.

За оваа цел, со новото законско решение македонските власти исто така се обврзуваат да изработат Листа на стратешки минерални суровини и Листа на критични минерални суровини, кои Владата ќе може да ги ажурира на секои три години.

„Листата на стратешки минерални суровини ќе вклучува, од проценетите суровини, суровини кои се меѓу највисоките во однос на стратешкото значење, предвидениот раст на побарувачката и тешкотијата за зголемување на производството“, се истакнува во новиот нацрт-текст.

По чекорите на Европската Унија, и Македонија ќе се приклучи кон идејата за т.н. стратешки проекти. Брисел годинава веќе утврди 47 стратешки проекти, односно голем број рудници, во 13 земји-членки: Белгија, Франција, Италија, Германија, Шпанија, Естонија, Чешка, Грција, Шведска, Финска, Португалија, Полска и Романија, за ископ на критични минерални суровини и за нив се предвидени забрзани процедури за дозволи. Со новите решенија кај нас, се изготвуваат критериуми за препознавање на стратешки проекти, но ќе се формира и Комисија која ќе постапува по барањата, а во фокусот ќе биде поставена заштита на животната средина.

„…проектот би се спроведувал одржливо, особено во однос на мониторингот, превенцијата и минимизирањето на влијанијата врз животната средина, спречувањето и минимизирањето на социјално негативните влијанија преку употреба на општествено одговорни практики, вклучувајќи почитување на човековите права и работничките права, особено во случај на присилно преселување, потенцијал за квалитетно создавање работни места и релевантен ангажман на локалната заедница адекватни политики за усогласеност за да се спречат и минимизираат ризиците од негативни влијанија врз правилното функционирање на јавната администрација, вклучително и корупција и мито“, се потенцира во Законот.

Покрај Македонија, во утврдувањето на одреден проект како стратешки улога ќе има и Европската комисија.

„Доколку Република Северна Македонија не се согласи предложениот проект да добие статус на стратешки проект, истиот го одбива Европската комисија“, се додава во предлог-текстот.

Покрај двата закона, паралелно се работи и на финализирање на Стратегијата за минерални суровини 2025-2045, на чиј текст работеше МАНУ. Со неа се стимулираат геолошките истражувања, бидејќи, како што се нагласува „Република Северна Македонија има особено значење како производител на метали како што се олово-цинк, бакар и никел и игра значајна улога во поширокиот европски, па и светски контекст како клучен извор на овие критични минерали во регионот“. Засега е неизвесно дали и каков импулс ќе имаат новите законските решенија и Стратегијата на македонското рударство, со оглед на фактот дека оваа гранка има сѐ помало учество во индустриското производство и во Македонија се нема отворено нов значаен рудник за минерални суровини во изминатите 40 години. Од Листата на критични минерални суровини која ја изготви Европската Унија, според геолошките истражувања, Македонија најмногу може да се пофали со бакар, но инвестициите најчесто се соочуваат со низа бариери. Па така, остана нереализирана инвестицијата за рудникот за бакар во Казандол на англиско-украинскиот конзорциум Сардич, кој неофицијално веќе го има добиено спорот против Македонија во меѓународна арбитража. Претходно не се оствари ниту проектот за рудник за бакар на Кожуф на канадската фирма „Резервоар минералс“. Засега единствено тапка во место инвестицијата на „Еуромакс ресоурцес“ во проектот за рудник за бакар во Иловица.

Поврзани содржини