МАКЕДОНИЈА ДОВОЛНО СЕ ИМА ИЗВИНЕТО НА ЖРТВИТЕ НА КОМУНИЗМОТ Прозивките од ВМРО-ДПМНЕ кон СДСМ се дневнополитички фолклор

СДСМ не би го чинело ништо дури и да направи еден таков вид на изјава, но не е во тоа поентата. СДСМ се трансформираше и имаше доста оградувања од комунистичкото минато. Не само партијата, туку и државата – вели професорот Ѓорѓи Спасов.

450

Нападите и прозивките на ВМРО-ДПМНЕ кон СДСМ да се извини на жртвите на комунизмот се само дневнополитички обид на опозициската партија да возврати на сличните напади кон неа и кон нејзиниот лидер Христијан Мицкоски за неговите изјави дека денешното ВМРО-ДПМНЕ има „континуитет“ со Иван Михајлов. Овие прозивки немаат никаква основа туку само водат кон подлабоки поделби во македонското општество, велат аналитичари и експерти со кои разговараше Плусинфо.

Во своето најново соопштение ВМРО-ДПМНЕ ги повика СДСМ и неговиот претседател Димитар Ковачевски, како наследници на некогашната Комунистичка партија на Македонија, да им се извинат на граѓаните и семејствата на жртвите од комунистичкиот режим.






Истиот тој режим чии наследници се СДС направи прогон на плејада чинители на македонската интелигенција кои биле ликвидирани од овој режим. Такви ликвидации од комунистичкиот режим во Македонија има многу и СДС и Ковачевски треба во очи да ги погледнат, граѓаните но и фамилиите и блиските луѓе на убиените и да ги слушне нивните приказни за нивната жртва за самостојноста на Македонија. Нема да има помирување додека не се исправи неправдата нанесена од комунистичкиот режим, режим кој го убиваше стремежот за слободна и независна Македонија“ – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Ѓорѓи Спасов, професор и поранешен функционер од редовите на СДСМ, факт е дека СДСМ партија го носи тој товар на наследник на КПМ од самото основање, уште кога прифати да го наследи континуитетот, имотот, а со тоа и грешките на поранешната комунистичка партија.

– Овие напади ги гледам како дел од дневнополитичките игри. Тие беа нападнати дека се континуитет на Ванчо Михајлов, и сега бараат начин да вратат. СДСМ не би го чинело ништо дури и да направи еден таков вид на изјава, но не е во тоа поентата. СДСМ се трансформираше и имаше доста оградувања од комунистичкото минато. Не само партијата, туку и како државата. Имаше еден процес на декомунизација на системот, со тоа каков устав беше донесен, па едно такво оградување беше и процесот на денационализација, враќање на имотите. Преку Собранието во повеќе наврати се има дистанцирано од политиката на комунизмот и се има извинето на жртите на комунизмот. И со резолуцијата од 1990 година, чинам, а потоа и со Декларација во Парламентот во 2006 година. Друго, и процесот на лустрацијата требаше да изврши таква улога, но се претвори во нешто сосема друго – вели Спасов.

Сепак, прашање е според него, тоа што се манипулира со термините жртва на комунистичкиот режим.

– Ги имаш тие групи, како тој Јордан Петрески и компанија, кои постојано ја држат таа тема, за УДБА, дека УДБА сè уште контролира сè во нашите органи, а таа група не бара рехабилитација на жртви на комунизмот, туку на оние што реално во тоа време биле криминалци и би одговарале во било која држава. Прашање е дали секој што во време на комунизмот бил санкциониран, може да го прогласиш како жртва на комунизмот. Вклучувајќи ги и сите оние што во време на фашизмот соработувале со фашистите и слично. Секако, настрадале и тие кои што не ја прифаќале Југославија, тие што сакале независна Македонија, некои сакале да се оди кон Солун, или пак тие што сакале Македонија да биде во состав на Бугарија. Тоа биле идеолошки борби и прашење е дали сите може да ги прогласиш за жртви на комунизмот. Тоа е како денеска ВМРО-ДПМНЕ да го прогласиш жртва на СДСМ, и СДСМ жртва на ВМРО-ДПМНЕ. Па можеме да ги бараме жртвите на груевизмот, или жртвите на приватизацијата, и така натаму. Се манипулира со поими „жртва“, „џелат“, „кодош“ за да се остави емотивен впечаток во јавноста и тука нема многу простор за разговор – вели Спасов.

За историчарот Тодор Чепреганов, нема потреба да се бара извинување од СДСМ, затоа што она што се случувало после војната било дел од внатрешни идеолошки борби во Македонија.

– Постои едно крило во самото НОБ во Македонија, во кое се наоѓаат Чанто, Венко Марковски, Панко Брашнаров, Шатев, Димитар Влахов, кои се наречени антикомунисти и сепаратисти,. Уште во текот на војната тоа го пишуваат и Британците, дека тие се пред се националисти, а дури потоа комунисти, дека се борат за самостојна независна македонска држава. Таа група во 1944 година кога се формира АСНОМ започнува да работи самостојно, го анулира Белград, почнува да води самостојна политика, на чело со Чанто. Почнуваат да разговараат и да прават договори со Албанија, Бугарија, на основа на независна македонска држава, без да го консултираат Белград. Тоа Белград го гледа и бара да се одржи второ заседание на АСНОМ, кое се одржува од 28 до 31 декември 1944 година, на кое е осуден тој сепаратизам на оваа група. Во април 1945 година на седница на Политбиро на ЦК на Југославија е донесена одлука со сите тие луѓе да се расчистува поединечно. Познати се велешките, кумановските и ресенските ликвидации како помасовни – вели Чепреганов.

Сепак, според него, нема основа комунистите или СДСМ денеска да се извинуваат за тие злосторства, зашто тоа веќе е направено од име на државата, преку резолуции и декларации усвоени во Парламентот.

– Мислам дека тоа барање на ВМРО-ДПМНЕ не е во ред. Тоа што тие го земаат како континуитет Внчо Михајлов и од него треба да се оградуваат, а еве и се отрудат да се оградат, не значи дека треба да бараат слично оградување на СДСМ од континуитетот со КПЈ. Прво, затоа што државата доволно пати се огради и го осуди комунистичкиот режим преку парламентот, а второ, затоа што станува збор за сосема различна работа. Кај Ванчо Михајлов судирот е на национална основа, зашто тој не признава македонски нација, јазик и посебност, а овде е внатрешен судир меѓу македонски политички фракции – вели Чепреганов.

Според првата и единствена официјална „Информација за преземените мерки на органите на власта спрема државјани на Р. Македонија за кои во периодот 1945-1993 година се располагало со основани сомненија дека дејствувале за формирање самостојна и обединета Македонија”, изработена од МВР во 1993 година, во периодот 1945-1985 година вкупно во Македонија биле откриени 105 илегални групи и организации со над 1.200 припадници, чие дејствување било насочено кон „отцепување на Македонија од заедницата на југословенските народи и создавање самостојна и обединета Македонија”. Од нив од слобода биле лишени 1.045 припадници на илегалните групи и организации, од кои 242 биле осудени на смрт или на временска казна до 15 години.

Службата за државна безбедност при МВР водела 14.000 политички досиеја, а постојат и 22.000 затворски досиеја на затворените политички лица во затворот „Идризово”, или вкупно 36.000 досиеја. Тоа се политички досиеја на лица од разни возрасти и професии – револуционери, интелектуалци, лекари, студенти, обични работници и селани, лица во поодмината возраст и ученици-гимназисти, затворани, осудувани, прогонувани и стрелани во периодот 1945-1985 година. Според неофицијалните податоци, само во периодот 1949-1951 биле затворени 7.330 средношколци, а само во затворот „Идризово” биле затворени 2.500 политички затвореници.

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во јануари 2006 година усвои Резолуција за осуда на комунизмот како тоталитарно општествосо, со која остро ги осуди поранешните комунистички режими поради кршење на човековите права. Тогашната македонската делегација, предводена од Игор Ивановски, пратеник од СДСМ, се воздржа од гласањето. Со Резолуцијата се повикуваат „сите комунистички и посткомунистички партии, доколку досега не ги осудиле злосторствата од овој тип, да извршат повторен преглед на историјата на комунизмот и јасно да се оградат од злосторствата извршени од тоталитарниот комунистички режим и да го осудат без никакво двоумење“

Во согласност со оваа препорака, во април истата 2006 година, по предлог на Пратеничката група на Либералната партија македонското Собранието усвои Декларација за извинувањето на жртвите од репресијата од режимот од периодот од 1945 до 1990 година.  

Во докумнетот се вели дека „Собранието на Република Македонија, како орган на државата и во нејзино име, изразува жалење и им се извинува на граѓаните на Република Македонија, како и на членовите на нивните семејства на кои во периодот од 1945 до одржувањето на првите повеќепартиски парламентарни избори во 1990 година, им е нанесена неправда со акти на кривично гонење и други видови репресија, кои се осудени без основ и без докази, без правна постапка или со нејзино кршење или кршење на нивните елементарни права.“

Покрај ова, Собранието „се залага евиденцијата за преземените казнени и други мерки на репресија што во перио-дот од 1945 до 1990 година се води во МВР да се стави на располагање на репресираните граѓани, членовите на нивните семејства и нивните застапници“.

Отворање на архивите и „расчистување со жртвите на комунистичкиот режим бара и Бугарија, а тоа барање е влезено и во Договорот за добрососедство и соработка од 2017 година, како и во протоколите за соработка, потпишани од МНР.

Поврзани содржини