Македонија ја порази Северна

Тие што тагуваат над судбината на Заев утрово, не е лошо да се потсетат на драматичните денови по пропаднатиот референдум. И тогаш во СДСМ беа самоуверени и сигурни во себе. Најавуваа огромна излезност и поддршка од граѓаните, а бриферите појаснуваа дека албанското население масовно ќе излезе и ќе гласа афирмативно за договорот што премиерот претходно го ратификуваше.

5,063

Уште додека траеше гласањето од вториот круг на локалните избори, некој примети дека од СДСМ се откажале од Северна и поддршката започнале да ја бараат единствено со Македонија. Тоа беше првиот показател дека работите по нивните кандидати за градоначалници не се одвиваат добро.

Веројатно тука е и конечниот крај на Зоран Заев во политиката, а воопшто не навлегувам во тоа дали тој ќе попушти пред молбите на своите сопартијци и на притисоците на коалициските партнери од власта, како и пред меѓународниот фактор, па ќе реши да си го погази зборот и да остане на премиерската функција, бидејќи тој многу одамна е потрошен политичар и е зрел за оставка.






Кога мислам многу одамна, точно мислам на одреден момент, на случка која ја детерминираше неговата политичка кариера. Секако дека мислам на одлуката од притвор да се ослободи Крсто Мукоски, за да се обезбеди мнозинството во парламентот за да се изгласаат уставните промени кои произлегоа од Преспанскиот договор.

Тие што тагуваат над судбината на Заев утрово, не е лошо да се потсетат на драматичните денови по пропаднатиот референдум. И тогаш во СДСМ беа самоуверени и сигурни во себе. Најавуваа огромна излезност и поддршка од граѓаните, а бриферите појаснуваа дека албанското население масовно ќе излезе и ќе гласа афирмативно за договорот што премиерот претходно го ратификуваше. Ништо од тоа не се случи, па се пристапи кон употреба на „вмровски финти“, односно кон ситнење на опозицијата со парламентарците кои поради основано сомнение за извршени крвични дела беа притиснати да ја сменат страната. Прво беа преземни седум членови на ВМРО-ДПМНЕ, за да кризата со уставните промени биде решена со тоа што од притвор ќе биде пуштен Крсто Мукоски, кој од ќелија небаре дотрча до собраниската сала да го поддржи договорот и Македонија да ја направи Северна.

Мислам дека во овој момент е направен оргиналниот, непростливиот грев на Заев, од кој тој никогаш нема да може да се исчисти.

Не мислам дека Преспанскиот договор е лош, особено доколку се земат в предвид околностите под кои е договорен. Тогаш, Македонија само што излезе од длабока политичка криза, а во Атина на власт беше Алексис Ципрас и неговта Сириза. Попогоден историски момент не можеше да се замисли за решавање на деценискиот спор со Грција. Договорот претставуваше компромис од кој и двете страни останаа незадоволни, но подобар епилог беше невозможен. И се беше в ред до моментот со референдумот, на кој не излегоа доволен број на граѓани. Демократската логика налагаше договорот да се поништи и да се продолжи со преговорите, но ете баш тогаш, некој се сети на Мукоски.

По овој грозоморен чин следуваа голем број на грешки, злоупотреби и недемократски одлуки на владејачкото мнозинство, кое сè повеќе наликуваше на режимот што го наследи. Корупцијата воопшто не беше сузбиена, а не видовме искрена борба ни си останатите негативни појави во општеството. Искрена беше само намерата постојано да се изговара Северна, збор, којшто од придавка напрасно стана именка. Затоа и политичката борба во Македонија во последите изборни циклуси се сведе на борбата меѓу Македонија и Северна. Македонија излезе како победник, иако не сум сигурен дека Северна го има кажано последниот збор.

И никој не е вистински среќен од убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во Македонија. Нивниот триумф е толку голем, што и тие самите се изненадени и ставени пред неочекуван притисок и одговорност. Ветувањата тешко ќе се исполнуваат, особено во услови на сериозна економска и енергетска криза.

 

Поврзани содржини