И Македонците „копаат“ криптовалути – вложуваат 10.000 долари, па заработуваат 600 долари месечно
Јас работам исклучиво со дигиталната валута Етериум и засега одлично ми оди. Досега имам вложено над 20.000 евра, но со текот на времето успеав да излезам од минусот – вели нашиот соговорник кој сакаше да остане анонимен.
Дигитализацијата во светот зема сè поголем замав, а истото се случува и во финансискиот свет каде што во последните десетина години се појавуваат сè повеќе дигитални валути или попознати како – криптовалути.
Ниту македонските граѓани не остануваат рамнодушни на овој тренд, па околу 25.000 нашинци имаат вложено во овие валути, но има и такви кои се занимаваат со копање на криптовалути или производство на дигиталните валути, за што се потребни големи инвестиции, а доста често тоа доведува до значителна потрошувачка на електрична енергија.
Блок-синџирот е иднината
Дарко Симуновски, сертифициран познавач на криптовалутите, во разговор за Плусинфо појаснува дека криптовалута е дигитална или виртуелна валута што е обезбедена со криптографија, што го прави скоро невозможно фалсификувањето или двојно трошење.
Криптовалутите, додава тој, се засновани на децентрализирани мрежи на блокчејн технологија – дистрибуирана книга (ledger) спроведена од различна мрежа на компјутери. важна карактеристика на криптовалутите е дека тие генерално не се издадени од ниту еден централен орган, што ги прави теоретски имуни на владино мешање или манипулација, служат како платежно средство и замена за фиат валути.
– Блокчејнот или блок-синџирот е несомнено иднината, во наредните години ќе видиме масовно имплементирање, поради повеќе фактори, почнувајќи од прекугранични плаќања. Традиционално, преносот на вредноста беше скап и бавен, а особено за плаќањата што се вршат преку меѓународните граници. Една од причините за ова е што, кога се вклучени повеќе валути, процесот на трансфер обично бара учество на повеќе банки на повеќе локации пред наменетиот примател навистина да ги прими своите пари – објаснува Симуновски кој веќе подолго време се занимава и работи во крипто-индустријата.
600 евра чист ќар
Во Македонија сè повеќе луѓе почнуваат со „копање“ криптовалути, кое се врши преку компјутерски уреди, но за целиот овој процес е потребна соодветна опрема, како и значителна потрошувачка на електрична енергија
– Потребен е соодветен хардвер во зависност на тоа која криптовалута ја копате. Главната компонента на хардверот за рударство на биткоинот вклучува интегрирани кола специфични за апликации (ASIC) или единици за обработка на графика (графичка картичка). Тука се додаваат и дополнителните трошоци за потрошувачка на енергија. Нема гаранција за фиксна заработка, но во повеќето случаи веќе е доста профитабилно – ни објасни Симуновски.
Тој вели дека со околу 10.000 долари влог „рударите“ би имате профит преку 600 евра нето месечно за копање Биткоин со пресметани трошоци за струја од околу 250 евра.
– Сè уште (пред да се смени алгоритамот за мајнинг од POW во POS) може да се рудари Етериум со купување (или доколку имате) хардвер над 1.500 евра влог што би давал приходи од над 150 евра нето месечно, покрај сметка за струја што би била околу 70 евра месечно. Други криптовалути што можете да копате се Monero (XMR), LiteCoin (LTC), Ethereum Classic (ETC), Zcash (ZEC), Monero (XMR) и многу други – потенцира Симуновски.
Плусинфо разговараше со велешанец кој подолго време се занимава со копање дигитални валути.
Тој раскажува дека почетоците не се воопшто лесни, оти, како што вели, потребен е голем влог.
– Во моментов имам вкупно 16 машини, односно графички картички со помош на кои успевам да заработам. Машините се многу скапи и си бараат постојана нега. На пример, треба да бидат сместени во темно и студено место каде што ќе се регулира температурата, а потребно е и информатичко одржување на компјутерите. Јас работам исклучиво со дигиталната валута Етериум и засега одлично ми оди. Досега имам вложено над 20.000 евра, но со текот на времето успеав да излезам од минусот – вели нашиот соговорник кој сакаше да остане анонимен.
Копаат, ама и крадат
Сите уреди кои се вмрежени за копање криптовалути трошат многу електрична енергија, а со тоа сериозно се отповарува мрежата. Тоа за ВОА го потврди менаџерката на Одделот за комуникации во ЕВН, Ленче Карпузовска.
– Доколку едно домаќинство одлучи да инсталира компјутери за копање на криптовалути, тоа значи дека може да потроши енергија за 20 или за 30 домаќинства, што го нарушува напојувањето на сите соседни корисници на таа напојна точка – вели Карапузовска.
Со цел да се избегнат високите сметки, кои за копање криптовалути често се пресметуваат и во стотици евра, според податоците од компанијата „рударите“ сè почесто прават паралелни диви приклучоци, со паралелни кабли со многу поголеми пресеци и така ја крадат струјата и ја нарушуваат целата околина.
– Штета, трпиме сите, и компанијата и граѓаните. Дополнително можат да настанат проблеми и од типот на пожар или да се запали инсталација што не е соодветна за таа потрошувачка – додава Карпузовска.
Плусинфо побара од ЕВН одговор на прашањето дали постои план за решавање на овој проблем, но оттаму не ни одговорија.