Македонците може да се ревакцинираат во Србија само во градот во кој примиле прва доза „Астра Зенека“

Викендот на Белградски саем ќе бидат отворени салите 3 и салата 11, а работното време на вакциналните пунктови ќе биде продолжено до 17 часот. 

411

Државјаните на Северна Македонија кои овие денови доаѓаат на ревакцинација во Србија, и кои пред три месеци, на 27 и 28 март, ја примија првата доза на „Астра Зенека“ ќе можат да се ревакцинираат само во градот во кој ја примиле првата доза, јави доспиникот на МИА од Белград.

– Сите оние кои прв пат се вакцинираа во Белград, ќе мора на ревакцинација да дојдат во Белград. Така ни е речено од Белград и ние тоа мора да го почитуваме. Знам дека на Македонците полесно им е втората доза да ја примат во Ниш, но од Министерството ни објаснија дека постојат технички проблем тоа да се реализира – изјави за „Нишке вести“ директорот на Здравствениот дом во Ниш, Милорад Јеркан.






Тој додаде дека во последните два дена веќе се ревакцинирани околу 800 државјани на Северна Македонија.

– Сите кои во Ниш ја примиле првата доза ќе можат да ја примат и втората доза, нека не се грижат –  кажа Јеркан, според кој, во Ниш веќе се набавени и има вкупно 6.500 дози на „Астра Зенека“ за македонските граѓани.

Тој додаде дека луѓето не треба да брзаат и дека до вторник можат да дојдат во Ниш да ја примат вакцината.

Директорот на пунктот за вакцинација на Белградскиот саем, Зоран Бекиќ денеска изјави дека 13.000 граѓани од регионот и Европа биле поканети во сабота и недела да се ревакцинираат на Белградскиот саем, бидејќи, како што кажа, поминаа 12 недели од првата доза.

– Ние сме добро подготвени за овој викенд. Во сабота очекуваме 8.000 граѓани од регионот и Европа, а во недела 5.000 и сите ќе бидат ревакцинирани на Белградскиот саем – изјави Бекиќ за телевизијата К1.

Тој додаде дека за викендот ќе бидат отворени салите 3 и салата 11, а работното време на вакциналните пунктови ќе биде продолжено до 17 часот.

Поврзани содржини