„МАКЕДОНЦИ, ЗНАЕТЕ ЛИ ВИЕ ШТО Е БЛАГОДАРНОСТ И СРАМ?“ Српски политичари разочарани од македонското коспонзорство на резолуцијата за Сребреница

„Македонија навистина треба да го смени јазикот, заедно со името и историјата, како што бараат Бугарите. Навистина е глупаво да користат речник во кој немаат зборови за чест, благодарност, пријателство, слобода, срам“, изјави поранешниот српски министер Александар Вулин, реагирајќи на најавата на министерот Бујар Османи дека Македонија ќе биде коспонзор на резолуцијата на ОН за Сребреница.

966

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ поранешниот министер за одбрана Александар Вулин остро ја критикуваа одлуката на македонската влада да биде еден од коспонзорите на Резолуција во ОН за прогласување на 11 јули како Меѓународен ден на комеморација и сеќавање на геноцидот во Сребреница.

– Мислам дека е особено важно Србија да гласа за оваа резолуција со цел да се признаат и промовираат фактите, бидејќи сите одлуки на меѓународните судови и тела покажуваат дека во Сребреница се случил геноцид. Сè додека тој се негира и не се признава, веројатно е можноста да се повтори – изјави минуистерот за надворешни работи Бујар Османи.






Но, српски политичари бурно реагираа на оваа информација од Скопје.

– Кога ги нарекуваа Поранешна Југословенска Република Македонија и Скопје, ние ги нарекувавме Македонија. Со нив делевме лекови за време на ковид-пандемијата, им ги дадовме нашите резерви од жито, брашно и шеќер, а СПЦ на Македонската црква ѝ овозможи независност и име. Македонија им се „заблагодари“ на Србите за сето тоа со признавањето на Косово и сега со ентузијазам учестува во резолуцијата која треба да ги прогласи Србите за геноциден народ – изјави Вулин, поранешен шеф на српската Безбедносно-информативна агенција и ексминистер за одбрана и за внатрешни работи на Србија.

Тој цинично додаде дека „Македонија навистина треба, покрај името и историјата, да го промени и јазикот, како што бараат Бугарите“.

– Северномакедонците знаат дека нивниот глас не значи ништо, дури ни кога станува збор за нивното име или јазик, а уште помалку за Србите, па затоа можеле барем да се воздржат доколку не можат да ја поддржат Србија. Македонија навистина треба да го смени јазикот, заедно со името и историјата, како што бараат Бугарите. Навистина е глупаво да користат речник во кој немаат зборови за чест, благодарност, пријателство, слобода, срам – рече Вулин, реагирајќи на изјавата на министерот Османи.

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ го оцени како „дрскост“ ставот на Османи и го праша дали сака да поднесе Резолуција за геноцидот на Србите во Јасеновац, заедно со Србија.

– Тоа е цинизмот што постои на нашите простори, дека е важно да се води антисрпска политика и уште на сето тоа не повикуваат да учествуваме во тоа. Дали треба да бидеме на страната на нацистите, за да бидеме почитувани? – праша Дачиќ.

 

Поврзани содржини