Македонци од Германија лути: Укинете ги срамните изјави на граница и карантинот и дајте ни слобода да си дојдеме дома
Затворањето на границите, како што велат Македонците на работа во странство, не придонесува во запирањето на епидемијата и врз основа на странски научни студии, кои ги цитираат во барањето до македонските власти, предлагаат поефикасно спроведување на локалната контрола и почитување на мерките за заштита од инфекции.
Македонски државјани кои работат во Германија бараат Владата да им дозволи безусловно право на движење и слободен проток на патници на границите и аеродромите во нашата држава, укинување на секаков услов или неопходен тест за влез во земјава и да се укинат, како што велат, срамните изјави кои граѓаните се принудени да ги потпишат при излез од земјата со кои декларираат дека се откажуваат од својата држава, како и таа од нив.
– Во нашата отворена реакција објавена на официјалната страница на Фејсбук бараме да се укине и незаконското лишување од слобода, односно државниот карантин за македонски државјани кои допатувале од странство – вели Зоран Ангеловски за Плусинфо, кој привремено е на работа во Германија.
Затворањето на границите, како што велат Македонците на работа во странство, не придонесува во запирањето на епидемијата и врз основа на странски научни студии, кои ги цитираат во барањето до македонските власти, предлагаат поефикасно спроведување на локалната контрола и почитување на мерките за заштита од инфекции. Според искуства што ги споделуваат на својата страница, Македонците наведуваат дека ПЦР тестовите што се неопходни за влез во земјава чинат од 50 евра па нагоре, па затоа им порачуваат на своите сограѓани, тестирањето да го направат во здравствена установа во Ниш, каде што е поевтино и велат дека тоа чини 6.000 динари, односно 50 евра.
Македонија завчера ги отвори сите гранични премини, а како што информира МВР, условите за влез и излез на наши и странски државјани се останати непроменети. Тоа, според владината одлука, значи дека македонските државјани можат да остварат непречен излез од земјава, но на граничен премин пополнуваат изјава со која изјавуваат дека државата поради настанатата состојба со ковид-19 нема да биде во можност навремено да им помогне околу нивното враќање.
Во врска со барањето да се укинат изјавите на граничните премини во МВР велат дека ги спроведуваат мерките што ги донела Владата, а оттаму, пак, за Плусинфо објаснуваат дека станува збор за лична
изјава која граѓаните ја потпишуваат при напуштање на границите на нашата држава, донесена на предлог на Главниот координативен кризен штаб.
Мерката, како што објаснуваат од Владата, подразбира дека во услови на пандемија, нема да може со
хуманитарен лет, односно конвој организиран преку државата да се врати граѓанинот, и ќе мора сам да си организира враќање на свој трошок, доколку излезе од државата за време на пандемијата.
– Сметаме дека воведените ограничувања во движењето и патувањето во и од странство ги кршат основните човекови права и слободи загарантирани со уставот на нашата држава. Сметаме дека грубо, неосновано и понижувачки за сите граѓани на нашата држава е затворањето на границите, како и целокупниот однос на властите во државата, особено лишувањето од слобода на одредено време на лица, олицетворено преку т.н. државен карантин. Сметаме дека недозволувањето, односно условениот влез, како и условениот излез при кој граѓаните се приморани да се откажат од својата држава, како и таа од нив, се срамни и го кршат уставот на Македонија, особено член 27, член 8, член 9 , член 121 – велат Македонците на работа во Германија на својата страница.
Тие потсетуваат дека голем број од нашите државјани имаат привремени живеалишта како и привремена работа во странство и постојано мигрираат до и од нашата држава.
– Сакаме да ве потсетиме дека нашите граѓани во моментот се заглавени во светот, условени од сопствената држава и не можат да се вратат во своите домови. Луѓето во моментот се разделени од своите фамилии и не можат да имаат фамилијарен живот кој е загарантиран со Декларацијата за човекови права како и со член 25 од Уставот на Македонија. Како резултат на тоа, разделените фамилии не само што се спречени да имаат еден достоен фамилијарен живот, туку им е одземена и можноста и правото да ги вршат и регулираат своите секојдневни потреби. Не заборавајте дека луѓето имаат здравствени проблеми, луѓето имаат радосни моменти, како и тажни моменти кои мораат да ги споделат со своите фамилии, а овие ограничувања предизвикуваат несогледливи и непоправливи штети – велат потпишаните на барањето до македонските власти.
Спороведување на изборите, се вели во реакцијата, во услов кога граѓаните на Македонија се условени при влез во државата, односно немаат слобода да се вратат во сопствената држава ќе значи дека голем број државјани ќе бидат спречени да го остварат своето право на гласање и согласно со тоа таквите избори нема да бидат легитимни.
– Затворањето на границите како мерка за борба против вирусот не е научно докажана, туку напротив. Во своите истражувања публикувани во две научни публикации се докажува дека затворањето на границите има ефект само во многу раните денови, а подоцна нема никакво влијание врз ширењето на вирусот. Научните публикации докажуваат дека вирусот мора да се контролира со локални мерки и со почитување на истите локално како би се оневозможило неговото понатамошно ширење – велат наши државјани во Германија.
Од Владата за Плусинфо објаснуваат дека изјавата што ја потпишуваат македонските граѓани на излез од државата била разгледувана на 24. владина седница кога бил усвоен и записникот од петтиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирус, одржан на 20 март 2020 година.
– Согласно предлозите изнесени во расправата на седницата, Владата го усвои заклучокот со кој го задолжи Министерството за внатрешни работи на секое лице кое ќе ги напушти границите на Република Северна Македонија да му даде да потпише лична изјава дека излегува од
државата на своја одговорност и дека е запознаен дека поради пандемијата со коронавирусот голем број земји ги затворија границите и дека е отежнато движењето во странство, заради што државните органи на Република Северна Македонија не можат да гарантираат навремена помош за враќање во земјата – велат од владината служба за односи со јавност.
За граѓаните, потсетуваат од Владата, затекнати во странство пред донесувањето на оваа одлука, од страна на Владата беа организирани хуманитарни летови или конвои, а за нивна законска обврска беше утврдено дека кога ќе се вратат ќе прифатат да поминат соодветен број денови во карантински услови за нивна и за безбедност на сите останати граѓани.