Маговите на политичката корупција ќе се борат до последниот корумпиран обвинител!

Ако меѓународната заедница биде принудена самата да наметне систем и пракса коишто ќе обезбедат елементарно ниво на контрола на криминалот и на корупцијата во малата и исчуручена Македонија, тоа има и да се случи - милом или силом! Погубно е тоа што политичари од власта ова не можат да го разберат и да го „сварат" и што сметаат дека политичката поддршка од нашите стратешки партнери значи дека мечот мора да биде само во нивните раце.

6,555

Тешка, рововска битка деновиве се бие за клучните јавнообвинителски позиции во Македонија. Според моите информации, во битката сė поактивно учествува и меѓународниот фактор. Како што и личи и приличи за еден европски ќумез, во што ја претворивме оваа наша јадна државичка…

Исходот на оваа битка ќе покаже дали најмоќните луѓе од извршната власт на хибридниот режим ќе ги сочуваат линиите на влијание во најважните обвинителства. Ако ги сочуваат, тоа ќе значи дека зимата ни е назад и дека пресудната битка за  владеење на правото и ќе мора да се одложи барем до следните парламентарни избори. Можеби и на подолг рок. Бидејќи, треба да е јасно дека маговите на политичката корупција ќе се борат до последниот корумпиран обвинител.






Во секој случај, неизвесноста е голема, а нервозата се чувствува и се истура буквално секој ден. Има и колатерални штети.

Тоа што Фатиме Фетаи, на пример, некогашната ѕвезда на Специјалното јавно обвинителство, веќе не е во Обвинителството за организиран криминал и корупција, со кое раководи Вилма Русковска, според познавачите на приликите, не е колатерална штета, туку добра вест. Втората „грација” доби утешна позиција (виш јавен обвинител), која може да се толкува дури и како унапредување, но фактот дека таа веќе нема да гони случаи на организиран криминал и корупција значи дефинитивно признание на целосниот неуспех на мисијата на „Чарлиевите ангели”.

Од мене кисчиња, кисчиња за неутешните фанови на Фатиме, но тоа е тоа. Боли, ама мора да се издржи. Или, низ стиховите на Аца Лукас: „Сва моја песма је од бола, а та је песма живот мој, и ове чаше око стола, другови моји дајте њој…”

Нејсе, има нешто поважно од кариерата на Фатиме, се разбира. Новата позиција на Фатиме Фетаи е порака, но слушам дека се спрема и друга, многу поважна и можеби дури и пресвртна порака. Имено, ако се точни моите информации, наскоро би можело да се случи третата „грација” од некогашното СЈО, обвинителката Ленче Ристовска, да добие топ позиција во јавнообвинителската хиерархија. Со тоа делумно ќе се спаси барем меморијата на една возвишена идеја борбата за правда и за мир да добие силна поддршка во ликот на една ексклузивна и хибридна институција (која подоцна потона во рекет и во кал и практично се самоукина на најмизерен начин).

Интересно е тоа што сега Ристовска јавно демонстрира разочараност од фактот што не е избрана за виш јавен обвинител. Има разни шпекулации, меѓу нив и тезата дека тоа е одмазда на кланот Заеви. Не сум баш сигурен дека е така. Како и да е, ако се обистинат претпоставките за новата ролја на Ленче Ристовска, извесно е дека клучните фаци од извршната власт на хибридниот режим, најблаго речено, нема да бидат задоволни од таквиот развој на настаните.

Но, треба да се каже и тоа дека некои други кадровски решенија, обелоденети денеска, се толкуваат и како израз на немоќ одлучно да се скратат пипците на влијание на политичките моќници од власта и на сивите еминенции од нивното опкружување врз јавните обвинителства. Да не биде дека јас ја спомнувам, прочитајте што вели за обвинителката Лиле Стефанова, на пример, еден паталец, новинарот Томче Кежаровски. И некои нешта ќе ви станат појасни…

Очигледно е дека односот на силите се менува на дневна основа и тоа на битката и дава белег на драматичност. Поинаку и не може да биде. Оваа власт, во оваа сфера на општествениот живот, каде што со години се бараат одлучни и суштински реформи, ги разочара сите, па и нашите стратешки партнери од меѓународната заедница. Тие сè појасно ја опоменуваат власта во Македонија дека очекуваат конкретни резултати во борбата против криминалот и корупцијата, но и владеење на правото, наместо делење арбитрерна „правда” по системот „кадија те тужи, кадија те суди”.

И бидејќи и меѓународниит фактор детектира отсуство на политичка волја да се напушти таа пракса на политичка и персонална контрола на сите клучни позиции во правосудството и целосна компромитација на правилата на игра и на процедурите, природно е дека се размислува за мотивите за тој отпор. Кој има ќар од овие опструкции? Локалните корумпирани моќници? Регионалните нарко-картели? Меѓународните криминални банди? Некои други? Сите заедно?

Затоа, не треба да зачудува тоа што веќе сме сведоци на истраги и на обвиненија кои не можат поинаку да се разберат освен како стегање на јамката околу вратот на моќниците, на оние на кои сè уште им се чини дека се семоќни и дека бескрајно долго ќе ги држат обвинителите и судиите под своја контрола. Ќе биде тоа едно долго и болно стегање на јамката, веќе според дебелината на вратот на сите што помислија дека и со обвинителите и со судиите треба да се однесуваат според онаа народната – на волкот вратот му е дебел затоа што сам си ја врши работата. Ќе биде ова едно долго и болно учење дека во демократиите во кои владее правото правдата не смее да биде во рацете на еден човек или на еден клан и дека моќта е во рацете на институциите, во систем на поделба на ингеренциите и на меѓусебна контрола.

Во нашата тегобно секојдневие тоа сė уште не е така, но ние мора да го прифатиме императивот да изградиме таков систем. Ако не сакаме заради нас самите, ќе мораме заради другите, кои нема да трпат некогашната „оаза на мирот” (флоскулата што успешно ја продаваше Киро Глигоров) да стане оаза на трговијата со наркотици, или логистичка база на белосветските криминалци, или нешто трето, уште пострашно, ако има такво. Ако меѓународната заедница биде принудена самата да наметне систем и пракса коишто ќе обезбедат елементарно ниво на контрола на криминалот и на корупцијата во малата и исчуручена Македонија, тоа има и да се случи – милом или силом!

Погубно е тоа што политичари од власта ова не можат да го разберат и да го „сварат” и што сметаат дека политичката поддршка од нашите стратешки партнери значи дека мечот мора да биде само во нивните раце. Со својата популистичка површност, ифрустрираност и одмаздољубивост, тие уживаат поддршка од дел од јавноста и особено од некои јавни „активисти”, кои во една инспиративна колумна Софија Куновска прецизно ги нарече „интелектуална бижутерија”. И токму затоа, за моќниците кои се потпираат на концептите „револуционерна правда за уништување на политичките противници”, „корупцијата како фактор на политичката стабилност” и слични, болно ќе го доживуваат учењето на новата реалност.

Првите лекции се спектакуларни и опоменувачки. Апсењата на нарко-групите со асистенција на американската ДЕА, во латиноамерикански стил. Разоткривањето на каналите на логистичка поддршка на босовите на криминалните кланови во регионот. Првите обвиненија за „благајниците” на нашиот најмоќен политички клан. Тоа се сериозни шокови!

Борбата ќе потрае. Ќе биде жестока. И бездруго ќе биде неуспешна, ако не дојде до силно кадровско зајакнување на институциите за спроведување на законот. Имаме ли потенцијал за такво нешто? Не знам. Мислам дека никој, всушност, нема конечен одговор на тоа прашање. Но, сега знаеме нешто друго – прво мора сериозно да ги обезмоќиме политичките кланови, коруптивните групи и криминалните банди (сите меѓу себе се поврзани), за да видиме дали можеме да ги обновиме и да ги зајакнеме институциите. Ако ништо друго, имам впечаток дека нашите стратешки партнери барем го утврдиле тој логичен редослед на потезите.

Ако навистина е така, тогаш тоа, според мене, е огромен напредок. Резултатите ќе дојдат подоцна, но новиот возен ред барем ни гарантира дека возот сигурно ќе стаса. Веќе доцни, уште ќе доцни, ќе го почекаме, ќе се изначекаме можеби, ама – ќе стаса.

Поврзани содржини