МАЈМУНКАТА ШТО УГИНА НЕ БИЛА БРЕМЕНА Обдукцијата ќе ги открие причините за смртта

Од ЗОО Скопје велат дека преку соработката со Факултетот за ветеринарна медицина имаат пристап до најсовремени дијагностички и терапевтски процедури, но посочуваат дека, и покрај навремените здравствени интервенции, одредени болести - како и кај луѓето - понекогаш се неизбежни.

228

Скопската Зоолошка градина ги демантира тврдењата дека угинатата женка од видот сијаманг била бремена, истакнувајќи дека тоа се „неточни шпекулации“.

Од ЗОО Скопје велат дека причините за смртта на животното сѐ уште не се познати и дека ќе бидат објавени веднаш штом пристигнат официјалните резултати од обдукцијата, која ја извршиле стручни лица од Факултетот за ветеринарна медицина.






– Целта е да се обезбеди поголема транспарентност, како што тоа било пракса и во минатото – велат од Скопската зоолошка градина.

Од установата нагласуваат дека сите животни во Зоолошката градина добиваат навремен ветеринарен третман веднаш штом се појават први симптоми или знаци на болест, а нивната здравствена состојба се следи континуирано од страна на вработените.

– Благодарение на соработката со Факултетот за ветеринарна медицина, обезбедуваме современи методи за дијагностика и третман – велат од Скопје ЗОО за Плусинфо, додавајќи дека и покрај преземените здравствени мерки, понекогаш – како и кај луѓето – некои заболувања не може да се надминат.

Вчера, членот на Советот на Град Скопје, Стефан Кирков, на социјалните мрежи објави дека во Скопската зоолошка градина починала млада женка мајмун од видот сијаманг, при што тврди дека станува збор за бремено животно од редок и од заштитен вид.

Според него, случајот бил прикриван, а животното наводно било носено во приватни ветеринарни ординации. Кирков побара институционална одговорност и повика новинарите да го испитаат случајот.

Поврзани содржини