МАЈКАТА ЈА ОДНЕЛА ЌЕРКАТА ВО ДИСКО, БЕЗ ДА ЗНААТ СЕ ГУШНАЛЕ ЗА ПОСЛЕДЕН ПАТ Синот се спасил зашто бил меѓу првите кои полицијата ги избркала надвор
Не бев свесна дека не е меѓу живите. Пола саат лежеше на подот, сѐ додека докторката нѐ повика двајца да ја однесат. Мислев дека ќе ја качат горе на одделението, но за жал, свртеа кон мртовечницата. Тогаш сфатив дека мојата Драгана, мојот живот, ја изгубив засекогаш. Драгана, како и останатите деца, отидоа во диско, ги дочекавме во сандаци дома – заврши мајката Ирена.
Мајката на загинатата Драгана Минова, Ирена Минова, денеска сведочеше во процесот за судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“.
– Тука сум не само затоа што сум силна, туку затоа што ѝ ветив на мојата ќерка дека кога ќе дојде денот ќе ја зборувам вистината за сѐ она што го доживеав и видов таа ноќ. Денеска би сакала да зборувам за тежината на еден родител што ја носи во својата душа, како мајка што ја изгуби ќерката и како глас на 62 млади згаснати животи. Јас и моето четиричлено семејство, живеевме скромно, но среќно. Потоа сѐ се смени. Драгана имаше 16 години, за еден месец не го дочека својот 17 роденден. Беше посветена личност, сакаше да живее, имаше соништа, желби. Драгана беше дете за пример. Беше ученичка во втора година на медицина во Штип. Нејзината желба беше да стане педијатар. Драгана живееше како сите деца и требаше да живее затоа што заслужуваше. Но, Драгана, таа ноќ, со своите другарки отиде на концерт и повеќе не се врати дома. Нејзините другарки преживеаја, но Драгана не – рече мајката Ирена.
Во саботата, на 15 март, Драгана најавила дома дека ќе оди на концерт на ДНК, кој бил најавен на социјалните мрежи.
– Ѝ дозволив да оди. Вечерта не сакаше да излегува, сакаше да оди директно во диско. Нејзините другарки беа седнати во кафе „Булевар“, таа не сакаше да оди таму и затоа не излезе вечерта. Ме замоли да ја однесам во диското. Се слушна со другарките, тие ѝ рекоа дека во кафе барот „Булевар“ ќе имало рација за малолетници, дека градот врие од полиција. Но, таа и покрај тоа реши да оди на концертот. Затоа што ја сакаше таа група, ги пееше нивните песни и сметав дека моето дете, како и сите останати има право на живот. Околу 12.20 до кај 1 часот се спреми, влеговме во кола и тргнавме кон диското. По пат видов многу деца, претежно малолетни, некои и ги познавам. Кога пристигнавме пред вратата имаше многу луѓе. Јас имам 40 години, толку луѓе дотогаш немав видено на едно место. Повеќето млади, имаше и по некој повозрасен, сите беа среќни и насмеани, никој не претпоставуваше дека нешто ќе се случи. Драгана се слушна со своите другарки кои требаше да пристигнат со такси. Ја паркирав колата, таа седеше до мене. Видов кај „Национал“ како свети ротациско светло, ја видов полициската кола као подзастанува пред диското. Никој не излезе од возилото. Ѝ реков на Драгана да ѕвони да види каде е брат ѝ, се слушнаа, ама не можеа добро да се разберат поради гужвата. Кога замина полициското возило, видов дека сѐ е во ред, Драгана излезе да ги почека другарките. Јас ја завртев колата кај хотелот „Амор“, да си одам дома, полициското возило го немаше. Пред да излезе од колата Драгана ме гушна, за последен пат. Требаше да ми се јави подоцна да ја земам и да ја вратам дома. Кога стигнав дома, некаде околу 2.11 часот, Драгана ми прати порака да ми каже дека ѝ е убаво внатре, ми прати кратко видео, ми рече „сѐ е во ред мајка, биди спокојна“. Ја прашав дали има полиција, ми рече дека штом е тука Дарија, ќерка на Лазар Портокалот, сѐ е во ред.
– Која е улогата на Портокалот? – праша обвинителот.
– Лазар Захариев со прекар Портокалот е обезбедување, кој беше таму таа ноќ.
Ирена додаде дека и нејзиниот син Стефан бил во дискотеката.
– Тој е исто малолетен, беше на концерт со неговите малолетни другари, на возраст од 13, 14 години. Драгана ми рече дека ќерка му на Лазар, исто малолетна е таму, и нема да има рација. Потоа сум заспала. Кога дошла полицијата да прави рација, прво застанале кај масата на која бил мојот син, им побарале лични карти, и кога сфатиле дека се малолетници, ги избркале надвор. Тој и неговите другари биле пред диското додека службените лица си ја вршеле својата работа. Во тој момент слушнал гужва, прво помислил дека е тепачка. Кога сфатил дека е пожар, бил беспомошен, сакал да се врати во деското, да ја бара сестрата. Откако не успеал, ми ѕвонел, ама јас не сум го слушнала телефонот, па ѕвонел на татко му. Само слушнав како мојот сопруг вика пожар, каде е сестра ти? Станавме и двајцата, се спремивме и се упативме кон диското „Пулс“. Се прибложивме, имаше многу народ. На кружниот кај „Национал“ имаше полицајци кои го регулираа сообраќајот и не дозволуваа пристап кон дискотеката бидејќи немаше доволно паркинг. Јас излегов, а тој продолжи да бара место за да се паркира. Синот ѕвонеше во 2.38 часот, околу 1.50 бевме кај диското – рече мајката.
Таму затекнале хаос.
– Кога слушнав пожар не замислував такво нешто, мислев дека сите деца се надвор, дека нема мртви. Но кога стигнав, беше жално за гледање. Пред врата стоеше една пожарна, едно полициско и едно болничко возило. Деца лежеа на земјата, некои беа починати, некои бараа помош, лицата им беа целосно црни. Видов луѓе, повозрасни, кои пружаа помош. Ја барав мојата ќерка, ѝ ѕвонев, таа не одговараше. Знаев дека ѝ е потребна помош, викав на сиот глас, но немаше кој да ме слушне. Пред пожарната стоеја двајца полицајци и една полицајка. Слушнав една мајка како плаче и вика „Каде ми е ќерката?“. Бараше помош. Се свртев, тоа беше мајката на Надица, Габриела Наунова – рече Ирена.
– Што правеше Габриела? – праша обвинителот.
– Бараше помош. Бараше некој да ѝ помогне да го скрши ѕидот. Откако не доби помош, таа реши самата да го крши. Го кршеше ѕидот со рацете, ѕидот пред влезната врата, од предната страна – рече Ирена.
– Што имаше зад ѕидот? – праша обвинителот.
– Влез, ходник, тука е и тоалетот, па друга врата од која се влегуваше во дискотеката. Сакаше да направи простор да влеземе да си ги бараме децата. Јас продолжив да ја барам својата ќерка. Откако не ми дозволија да влезам, на вратата го видов обезбедувањето, Лазар, кој ги прифаќаше децата, ама не видов дека некој од обезбедувањето е внатре и дека им помага на тие деца. Помагаа на тие што ќе ја пружеа раката, кои беа при свест, а на оние кои беа внатре, на кои им беше потребна помош, никој не им помогна. Колку што видов, внатре влегуваше само еден од пожарникарите. Влегуваше, па излегуваше да земе воздух. Не видов друг дека помага. Кога се вратив кај сопругот, слушнав група деца кои бараа помош од левата страна, каде имаше прозорец со решетки. Побараа помош од Драган Петрушев Казак. Тие се упатија кон прозорецот, но одеднаш почнаа да паѓаат делови, нешто почна да пука и тие се вратија назад, не продолжија. Го видов Михајло, синот на газдата како седеше, а до него стоеше и полицаецот Драган Казак и стоеја од страна и гледаа додека деца извикуваа и бараа помош и спас. Тие стоеја и гледаа. Ако смеам да кажам она што го видов. Сега сите велат дека сите помагале, спасувале, да беше така, нмаше да има ниедна жртва. Помагаа само оние што сега се веќе починати, бидејќи таму немаше простор да влезеш два или три пати и да излезеш жив. Моето дете никаде го немаше. Се сетив, објектот ми беше познат, пред 12 години беше магацин за чанти во кој бев вработена и знаев дека има друг влез. Се качив по скали, влезот беше од десната страна, од ходникот излегуваше густ црн чад. Стигнав до средината, не знаев каде ќе ме однесе и се вратив. Сметав дека и да има таму луѓе, нема преживеани. Беше жално, тешко да се гледа како млади детски животи се борат за живот. Некои од нив беа облека, голи лежеа. По извесен период се вратив пред влезот на диското, го видов сопругот како стои до мојата ќерка. За момент бев среќна, бидејќи на нејзиното тело немаше изгореници, мислев дека е само онесвестена, не дека е почината. Тој знаеше дека Драгана го загубила животот. Пробал да ѝ даде вештачко дишење, а од нејзиното тело се слушале необични звуци, немала пулс, веќе била почината. Не сакаше да ми го каже тоа, ја зеде во рацете. Ни помогна едно дете, Драгана беше тешка, не можеше да ја внесе сам. Ја одвезовме во болница. Таму беше слично на она што го видов во дискотеката, имаше многу народ, родители, роднини на починатите и на повредените. Во ходникот на Брзата помош лежеа мртви деца, насекаде имаше крв, се чувствуваше миризба на пожар, на изгорени деца. Мојата ќерка лежеше на подот во Брзата помош, таму беше докторката Оливера, целиот медицински персонал се трудеше да помага. Ѝ пружија помош на мојата ќерка, гледав и мислев ќе ги отвори очите. Не бев свесна дека не е меѓу живите. Пола саат лежеше на подот, сѐ додека докторката нѐ повика двајца да ја однесат. Мислев дека ќе ја качат горе на одделението, но за жал, свртеа кон мртовечницата. Тогаш сфатив дека мојата Драгана, мојот живот, ја изгубив засекогаш. Драгана, како и останатите деца, отидоа во диско, ги дочекавме во сандаци дома – заврши мајката Ирена.
Таа додаде дека после 16 март животот на нејзиното семејство и на останатите, како и на повредените веќе не е ист.
– Нашите деца не починаа од природна смрт, беа убиени, задушени. Имаа право на живот и среќа, нивните соништа требаше да бидат остварени. Болката е тешка. Бројот 63 не е бројка што треба да биде запишан на хартија и занемарен. Бројот 63 брои човечки животи. Како да му објаснам на детето што ми остана дека треба да научи да живее со боклата кога неговата сестра никогаш веќе нема да биде присутна во неговиот живот. 63 дупки беа затрупани со црна земја, нашите деца требаше да живеат. Кога дете ќе изгуби родител ќе го наречат сирак, ама нема збор за мајка која изгубила дете. Има ли збор што може да ја утеши што веќе нема да го види своето дете? Нејзиното столче остана празно, нејзиниот кревет остана празен. Се ближат празниците, ама нив ги нема. Како ние родителите ќе ја носиме таа болка. Од вас не барам сожалување, барам секој еден од вас да ја признае вината. Вашите потписи на секој документ ја напишаа судбината на нашите деца – рече мајката Ирена.
Нејзиното сведочење предизвика силен плач кај присутните родители.