КРИВИЧНА ЗА КРАДЕЦ – СВР Тетово поднесе кривична пријава против О.М.(29) од с.Џепчиште, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторени шест кривични дела, поточно четири тешки кражби и две кражби. Во декември 2020, на подрачје на Тетово со употреба на сила и погоден предмет влегол во три маркети и одзел производи, додека, во еден случај на улица со употреба на сила од Ф.З.(35) од с.Нераште, тетовско, одзел паричник. Кривичните дела кражба ги извршил во два маркета, одземајќи пари. На тој начин пријавениот се стекнал со противправна имотна корист од 204.081 денари.
РАСИСТ НА ФЕЈСБУК – СВР Охрид поднесе кривична пријава против Љ.З.(38) од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Тој, на 25.12.2020 на социјалната мрежа „Фејсбук“, од својот профил напишал недоличен и навредлив коментар со кој поттикнувал омраза, дискриминација и насилство кон група граѓани.
ИСТЕПАН НА БИТ ПАЗАР – На 28.01.2021 во 02.00 часот во СВР Скопје, Б.Д.(22) од Скопје пријавил дека на подрачјето на Бит Пазар бил нападнат со тврд предмет од Т.Н. Се работи на расчистување на случајот.
ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНА ПОЛОЖБА – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против О.Р. (57) од Крива Паланка, директор на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа – Крива Паланка и против В.А.(38) од с.Велмеј, општина Дебарца, вработена во ЈУ Центар за социјална работа Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Во периодот од 16.02. до 19.10.2015, О.Р. склучила Договор за вработување на јавен службеник со В.А., на работно место архивар-благајник. Иако В.А. не се појавила на работното место, се водела на платен список и ѝ биле исплаќани парични средства за периодот од 16.02. до 19.10.2015 по налог на првопријавената. На тој начин пријавените го оштетиле Буџетот на РСМ за сума од 146.259 денари.
ПОВРЕДЕН РАБОТНИК – На 27.01.2021 во 14.36 часот во СВР Скопје, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив бил донесен И.П.(67) од Велес, кој се здобил со тешки телесни повреди при работа во фирма на подрачјето на Кисела Вода. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
МЕШАНИЦА ВО КАФАНА – На 27.01.2021 во 16.30 часот во СВР Скопје, З.В.(53) од Скопје пријавил дека во 14.20 часот, додека бил во неговиот угостителски објект во Дебар Маало, едно лице физички го нападнало, а другото оштетило дел од инвентарот. Според пријавеното, на ова претходела вербална расправија, бидејќи претходниот ден истите лица не сакале да го напуштат локалот по завршување на работното време. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
МАЈКА И ЌЕРКА ИСТЕПАНИ ВО КАРПОШ – На 27.01.2021 во 17.20 часот во СВР Скопје, В.К.(46) од Скопје пријавила дека околу 07.00 часот на подрачјето на Карпош таа и нејзината ќерка И.К.(28) биле физички нападнати од М.Н. Се работи на расчистување на случајот.
ГРАДЕЛ НА ПОПОВА ШАПКА – СВР Тетово поднесе кривична пријава против Е.А.(60) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „узурпација на недвижности “ и „бесправно градење“. Во текот на јули 2020, пријавениот на Попова Шапка извршил изградба на гаража со површина 22 метри квадратни, без да поседува соодветна дозвола за градба од надлежен орган.
НАПАДНАТ СКОПЈАНЕЦ – На 28.01.2021 во 03.10 часот во СВР Скопје, К.С.(74) од Скопје пријавил дека на подрачјето на Ќерамидница бил физички нападнат од три лица. Се работи на расчистување на случајот.
ЛЕТАЛЕ БОКСОВИ ВО ИНЏИКОВО – На 27.01.2021 во 23.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Инџиково, скопско, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Р.Б.(45) и Е.Б.(26), од една страна и Л.С.(19) и Р.Ј.(51), од друга страна, сите од Скопје. Сочинети се записници за констатиран прекршок по член 11 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.
ПРОДАВАЛ ХЕРОИН – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривичнa пријавa против С.Н.(34) од Свети Николе, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и против Ј.Н.(31) од Свети Николе, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“. На 08.06.2020, С.Н. од Скопје купил хероин за продажба и додека се движел кон Свети Николе, Ј.Н. вршел проверка на патот дали има присутни полициски службеници. Откако бил запрен од полициски службеници, во негова близина бил и пронајден и одземен хероинот.
ПОЖАР ВО РАШЧЕ – На 27.01.2021 во 22.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Рашче, скопско, настанал пожар во куќата на Р.М.(52). Повредени лица нема, а пожарот бил локализиран од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје.
КУЧЕТО КАСА – На 27.01.2021 во 14.10 часот во СВР Тетово, А.Б.(25) од Тетово пријавил дека на ул.„Благоја Тоска“ во Тетово бил каснат од куче скитник.
НАСИЛСТВО ВО ШТИП – СВР Штип поднесе кривична пријава против В.Д.(54), И.Д.(31) и Џ.Д.(21), сите од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство”. На 01.01.2021 во Штип, пријавените физички го нападнале Б.П.(28) од Штип и го оштетиле неговото возило.
КУЧЕ НАПАДНАЛО ЖЕНА – На 27.01.2021 во 16.10 часот во СВР Тетово, У.П.(70) од Тетово пријавила дека на улица „Јане Сандански“ во Тетово била касната од куче скитник.
ПОЖАР ВО БАТИНЦИ, ПОВРЕДЕНО Е ДЕТЕ – На 27.01.2021 во 10.35 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Батинци, скопско, настанал пожар во куќата на Ш.М. од с.Батинци, при што бил опожарен долниот кат и дел од горниот кат, а со изгореници се здобил 16-годишник, кој бил пренесен во Ургентен центар при Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Пожарот бил локализиран од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје.
ОГРАБИЛ МАРКЕТ – На 27.01.2021 во 18.40 часот во СВР Скопје било пријавено дека во маркет на бул.„АВНОЈ“ во Скопје едно лице со закана кон вработената го одзело дневниот промет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
ОДЕЛА НА РАБОТА НАМЕСТО ВО ИЗОЛАЦИЈА – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Дебар поднесе кривична пријава против Џ.А.(52) од с.Отишани, дебарско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 08.01.2021 од полициски службеници од ОВР Дебар Џ.А. била затекната на работно место, а требало во наведеното време да е во домашна изолација по решение издадено од Државен санитарен и здравствен инспекторат.
ИСТЕПАН ПОЛИЦАЕЦ – СВР Скопје поднесе кривична пријава против А.А.(21) и Ш.А.(22) од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење на работи од безбедноста“. На 20.01.2021 на ул.,,Стојна Стефкова“ во Скопје, пријавените физички нападнале полициски службеник кој извршувал службени дејствија.
ГРУПНА ТЕПАЧКА ВО ТЕТОВО – СВР Тетово поднесе кривична пријава против В.Љ.(17), Д.Љ.(22), Е.Х. (20), М.Ш. (22) и С.Х.(18), поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „насилство“. На 16.12.2020 на ул.„133“ во Тетово настанала физичка пресметка помеѓу Е.Х. и М.Ш., од една страна и В.Љ. и Д.Љ., од друга страна, а при обид да ги раздели, С.Х., брат на Е.Х. бил повреден со остар предмет од В.Љ..
ИЗВАДОК ОД БИЛТЕНОТ НА МВР ОД 28.01.2021 ГОДИНА