ЛУКРОВСКИ НАЈАВУВА ДВА МЕГА ПАРКА Парк 1020 и Хајкинг Делта за зелен и модерен Карпош
Лукровски најави мега паркови, дигитализација на услугите и планско развивање на општината Карпош во наредните четири години.
Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош од ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски денеска ја презентираше својата визија за наредните четири години, гостувајќи во емисијата „За или против“ на телевизија Алфа. Лукровски истакна дека неговата кандидатура е мотивирана од желбата за придонес кон општото добро и развојот на Карпош.
– Карпош да биде разеленет, исчистен, да им овозможиме на луѓето да имаат паркинг места, со бизнис заедницата да поработиме, тие се можност за нашите млади, за вработувања, за развивање на подобар Карпош, со сите групации на граѓани, спортисти, култура, да направиме еден Карпош каков што го паметиме пред години – изјави Лукровски.
Во рамки на неговата програма, Лукровски најави формирање на јавно претпријатие „Карпош план“ кое ќе се занимава со изработка и ревизија на ДУП-ови, како и со процесот на легализации, кој долго време претставува проблем за граѓаните.
– Карпош ќе се гради плански, транспарентно, инклузивно со граѓаните – додаде Лукровски.
За зголемување на транспарентноста и комуникацијата со граѓаните, кандидатот најави и апликација „Мој Карпош“ која ќе им овозможи на жителите пристап до информации за културни и спортски настани, вадење документи и увид во трошењето на средствата на општината.
– Со еден, два, три клика граѓаните ќе можат да ги видат сите информации и како се трошат нивните средства – рече Лукровски.
Лукровски најави и изградба на два мега парка како дел од неговата зелена агенда: Парк 1020 и Хајкинг Делта Парк.
– Парк 1020 ќе се протега од Бардовци покрај Злокуќани до Влае, на околу 500.000м² државна земја. Предвидени се ботаничка градина, картинг стаза со европски стандарди, терен за голф и забавни содржини за најмладите. Хајкинг Делта Парк, на Средно Водно, ќе нуди три патеки за пешаци и велосипедисти кои ќе се соединат во еден појас, засадување на 10.000 автохтони дрва и изградба на летниковци – рече Лукровски.
Според Лукровски, овие проекти ќе ја зајакнат зелената инфраструктура во Карпош и ќе овозможат повеќе рекреативни содржини за граѓаните.