Белорускиот претседател Александар Лукашенко денеска изјави дека е подготвен да ги пренесе овластувањата откако ќе биде усвоен нов устав на земјата, дополнувајќи дека, порано или подоцна, ќе замине од функцијата.
– Потребен ни е нов устав. Ми беа предложени две варијанти, но и двете ги одбив, бидејќи едвај се разликуваа од сегашната. Во тек е работа на трета верзија. Дојдете, да седнеме и да работиме на уставот, па да го ставиме на Референдум – изјави Лукашенко при посетата на фабриката МЗКТ во Минск.
Тој потенцираше дека ќе ги пренесе своите овластувања со устав, но, како што рече – не со притисок, и не на улица. Лукашенко, уште дополни, дека планира да ја напушти функција, порано или подоцна.
– Секако дека ќе заминам еден ден. За година, две…Но овој устав не можеме да го препуштиме било кому. Тоа ќе биде катастрофа. Од тоа најмногу се плашам – изјави белорускиот претседател.
Претседателските избори во Белорусија се одржаа на 9 август. Според Централната изборна комисија, актуелниот претседател добил 80,1 отсто од гласовите, но демонстранти со денови протестираат, обвинувајќи за изборен фалсификат. И западните држави оценија дека изборите во Белорусија не биле фер, ниту демократски.