ЛОВ НА БОГАТСТВО ЗАВРШИ СО АПСЕЊА Пронајдени 43 монети и шест метални детектори кај осомничени од Виница и Кочани

Осомничените со метални детектори вршеле ископ во атарот на село Калиманци, а при претресите биле пронајдени златни и сребрени монети

209

Кривична постапка е започната против пет лица од Виница, Кочани и виничко, осомничени дека нелегално присвојувале предмети кои претставуваат културно наследство и добра под привремена заштита.

Станува збор за лица на возраст од 30 до 66 години, кои, според полицијата, во периодот од 13 до 15 декември вршеле нелегални ископувања со метални детектори во атарот на селото Калиманци.






Акцијата започнала по претходна пријава, кога полициски службеници од ОВР Виница на локален пат сопреле две патнички возила со штипски регистарски ознаки. Во нив биле затекнати осомничените, а при контролата биле пронајдени метални детектори и алат за ископување.

„По извршените проверки и во координација со јавен обвинител, беше утврдено дека лицата вршеле нелегални ископи на локација за која постои сомнение дека содржи културно-историски предмети“, информираат од полицијата.

Во содејство со кустоси од Музејот „Теракота“ – Виница, на терен било потврдено дека навистина се вршело ископување, по што судот издал наредба за претреси во домовите на дел од осомничените.

При претресите, полицијата запленила шест метални детектори, алат за ископување, како и кутија со 43 златни и сребрени монети со различна големина, за кои се утврдува потеклото и историската вредност.

Осомничените се лишени од слобода, а по целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна кривична пријава за присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство, дело за кое Кривичниот законик предвидува сериозни санкции.

Поврзани содржини