ЛИТЕРАТУРНА КРИТИКА Дивата реч на Димковска
Лидија Димковска: „Кога си заминував од Карл Либкнехт“ – Скопје, „Или-Или“ 2019
Да се опише настан подразбира дека тој настан е, веќе, напишан. Тоа е формула, поправо мала теорија за која зборува Ролан Барт во есеј од 1968 коj коментира настани од бунтот на пaриските студенти во истата, 1968 година. Се памети една од тие бунтовни пароли со призвук на автоиронија : „Да бидеме реални, го бараме неможното: soyons réel, nous démandons l’imposible“. Тој вид формули (максими) се „дива реч,“ parole sauvage за Барт. За тогашната власт на Де Гол таа била субверзивна како и речта на нивните учители-надреалисти, салонски снобизам според А. Ками. Затоа што зборовите не се – бомби.
Во расказот-исповед на „Алина и Арина, 7, село Карл Либкнехт, Русија – Велики Устјуг, Русија“ на Димковска се слуша извесно ехо на таа „дива реч“ кон која е, на свој начин, свртена уметничката проза на авторот на книгата „Кога си заминував од…“. Едно таково ехо е блискоста по звучење на личното име „КаРл ЛИБкНехт“ со рускиот топоним за село „КоБИЛиНо“. Во својата исповед Арина вели дека нивното зафрлено село се викало Карл Либкнехт, име на германски социјал-демократ кој, како и популарниот француски социјалист Леон Блум, гласа против усвојувањео на воениот буџет во германскиот парламент пред Првата светска војна, една од причина (главна?) да биде убиен во 1919. Така го викала тоа руско село бабата на Арина и Алина кои, во својата исповед, се сеќаваат на своите тегобни детски години.Треба да се прашаме: кој мотив бил пресуден таа руска „бабушка“ да го смени, поправо да го деформира името на славен германски револуционер-спартакист каков што бил Карл Либкнехт, кого го глорификува и дивинизира советската комунистичка власт?
Либкнехт од Кобилино
Дали таа „бабушка“ на Алина и Арина не демонстрира, на тој начин, некој свој отпор кон револуцинерната советска власт која, по насилен пат, ги менува традиционалните животни облици како „буржујски“ анахронизми? Дали затоа што името Карл Либкнехт не и кажува ништо? Тоа е знак без значење. Сите; странски зборови (така и личните имиња) се, по дефиниција, немотивирани. Тие немаат индиректна, етимолошка мотивација. Така, на пример, руското „кобыла“ е блиско по смисла и по звук со македонскиот збор „кобила“.Дали, најпосле, блискоста на еден збор од два јазички система (преку топонимот „Негобило“ од „Шеќерна приказна“ на С. Јаневски) била, можеби, првобитен мотив писателката Димковска да го смисли името „Кобилино“ за руско село близу Устјуг, под услов такво да не постои во близината на тој руски град?
Тука треба да се има предвид следново: Димковска категорички вели дека „Сите топоними се вистински. Сите ликови и приказни се измислени, освен историските“. Таа категоричка изјава не остава место за претпоставката дека топонимот „Кобилино“ е фикција. Колку таа изјава подлежи на верификација, или игра само улога на автентификација на нејзиното раскажување (во тој случај и „Кобилино“ го избрала затоа што има руски призвук, а го избрала под притисок на фиктивот „Негобило“ од С. Јаневски), за тоа треба да даде добар одговор една филолошка критика. Но и таа не е неопходна во конкретниов случај. Не е неопходна затоа што т. н. „позитивна дефиниција“ на уметничката проза (онаа што одговара на прашањето: „што е проза?“), вели дека секој расказ или роман е редослед од настани, реални или фиктивни (diegesis) наспрема драмата која не е тоа затоа што прикажува (mimesis) дејства или акции, односно одговара на прашањето „што е не-проза?“ (Ж. Женет).
Во прилог на тоа зборува и еден друг детаљ од расказот-исповед на Алина и Арина. Тој детаљ по кус и јасен начин ја осветлува основната тема (Митрев ја викаше „проблема“) на расказот-исповед на кој укажувам, но и на многу други (практично на сите!) од книгата „Когаси заминував од…“. на Димковски.
Повик на прекршок
Таа тема е забраната која подразбира ограничувања. Зад неа стои некоја сила (морална норма, закон или предрасуда) која се прима, традиционално, како насилиство. Затоа и содржи, во себеси, некој молкнат повик за прекршок. Таа „проблема“ во расказот-исповед на девојки од Кобилино, како на другите ликови што имаат врска со името Карл Либкнехт (сите тие ги рас-кажуваат своите болни искуства од времето кога живееле на улица, во село или град со тоа име) се состои во тоа што тоа руско село страдало од хроничен недостиг на – жени.
Тој недостиг ги мотивира родителите на женските деца во Кобилино и на некои строги предострожности. Според Арина, мајка им кажувала дека мажите во Кобилино биле „сами како ѓаволи“. Тие можеле да ги намамат со бомбона, грозје или коцка чоколадо, да ги свлечкаат дома и, така, да исчезнат без трага и глас. Според Алина (таа се повикува на својата „бабушка“) имало „повеќе мажи одошто жени“ во Кобилино затоа што, „кога биле мали им давале сè на машките деца за да не им падне …ох ми е срам да кажам…“. Упадлив и сигнификатен е исказот „им давале сè на машките деца“. Тој исказ мобилизира еротски контекст кој традиционалниот европски културен код го локализира во сферата интима и, со тоа, го евакуира (забрана!) од сферата јавност. Како и секоја, и таа забрана повикува на прекршок. Прибегнува кон еден вид прекршок похрабрата Арина која се повикува на нивната „бабушка“ кога додава: „За да не им падне курето, така вика баба. Ако машко дете побара или види дека нешто јадеш, мора да му дадеш, инаку ќе му падне курето и нема кој да прави деца“.
Цртата спонтаност
Исказите „мора да му дадеш“, „ќе му падне“ ја интензивираат еротската црта на исказот „да им дадат сè на машките деца“ од една, а пак од друга страна тие го зголемуваат алузивниот капацитет во раскажувањето на Димковска Таа постапка на интензификација стекнува статус на упадлив белег во прозата на Димковска, особен вид на „дива реч“ која, како и онаа на париските бунтовници за кои зборува Барт, извира од зближувањето на спротивности: можно (réel) наспроти неможно (imposible). Тоа зближување генерира две опозитни пораки: а) стварноста е неможна и б) неможноста е стварност Тие две пораки имаат различна содржина во различни контексти: логички (когнитувен), социјален и психолошки. Мислам дека токму тие две пораки и даваат некоја тажна иронија или иронична тага на „дивата реч“ (синомим на „природна“) на Димковска. Сè што е блиску до природата е „диво“. Сè што се оддалечува од неа е произвед, плод на култура. Природата (натура) и производот (култура) се – антоними.
Неколку уточнувања за тоа што разбирам јас под изразот „дива реч“ како упадлив белег на прозата на Димковска. „Дивата реч“ на Р. Барт е форма на содржината „дива мисла“ на славниот антрополог Клод Леви-Строс (1908-2009) кој објави книга под тој наслов (La pensée sauvage, 1962). Во таа книга К. Л.-Строс разликува два типа култури: митолошка, одлика на примитивни заедници, наспроти идеолошка, онаа на цивилизираниот свет. Кога Р. Барт бележи „диви“ карактеристики кај студентите-бунтовници од 1968, тој мисли на пркосот, на бесот, на револтот итн., составки на спонтанитетот (слобода) кој стана култ за надреалистите. И револтот на славниот германски револуционер Карл Либнехт кој загина за идеалите слобода, еднаквост и правда има свои „диви“ црти кои ги скротила европската цивилизација и, со тоа, го оддалечила човекот од неговата природа. Поправо од – природата воопшто. На дело е една основна и општа опозиција: натура спроти култура; биологоја спроти идеологија.
Сите ликови и судбини од книгата на Димковска зборуваат за интима во која доминираат тегобни и болни искуства. Тоа се искуства на сиво, еднолично, „сиромашно со бои“ (Г. Тодоровски) секојдневје во кое згаснал оној златен ореол на идеалите за кои дал живот легендарниот германски револуционер. Поточно, тоа се остварените идеали на Карл Либкнехт кои ги живеат неговите потомци од сите краишта на земјината топка. И тоа тегобно и болно секојдневје има своја „дива“ црта во спонтаноста со која ги кажуваат своите исповеди. Таа спонтаност е дело, производ и творба на прозаистот Димковска. Потсетувам: „сите ликови и приказни се измислени“, вели таа. Тоа значи дека е во прашање ефектот-спонтаност, не спонтаноста како факт. Се знае дека, најчесто, таков вид ефекти постигаат писатели од највисок ред во кои, секако, спаѓа Лидија Димковска.