📽️ ЛИНДИТА ЈОВАНОВСКИ СО ЕМОТИВЕН АПЕЛ Албанка ги повика кичевчани да го поддржат нејзиниот сопругот Македонец за градоначалник на Кичево
Професорката и сопруга на кандидатот за градоначалник Александар Јовановски им се обрати на Кичевчани со порака за единство, чесност и нова надеж за градот.
Професорката Линдита Јовановски, сопруга на кандидатот за градоначалник на Кичево од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски, јавно им се обрати на своите сограѓани, повикувајќи ги да гласаат за нејзиниот сопруг во вториот изборен круг.
Во емотивно видео обраќање на албански јазик, Линдита порача дека Кичево заслужува градски татко кој ќе работи за сите – без разлика на националност, вера или пол. Таа истакна дека токму Александар е човекот кој може да ја обедини општината и да обезбеди подобра иднина за сите граѓани.
– Почитувани Кичевчани, драги пријатели. Долго размислував дали да ви се обратам, иако давам силна поддршка на мојот сопруг за да стане градоначалник на Кичево. Но денес одлучив дека мора да ви се обратам, бидејќи имам обврска како мајка, како жена, како Албанка, која има одговорност кон своите деца и децата на сите вас – порача Линдита.
Таа додаде дека Кичево треба да ги победи неработата со работа, неморалот со морал и криминалот со чесност.
– Имаме морална обврска кон иднината на нашите деца“, нагласи Јовановски, повикувајќи ги граѓаните да гласаат за број 9 на изборното ливче. Гласајте за да се отворат нови работни места, да се подобри инфраструктурата и административните услуги, и да можеме да ги задржиме нашите деца тука, во Кичево – порача Линдита.
Александар и Линдита Јовановски се во брак повеќе од една деценија и имаат три деца. Таа истакна дека во нивниот брак никогаш немало проблем поради различната националност, бидејќи, како што вели, љубовта, почитта и заедничките вредности се посилни од сите разлики.