ЛИЦЕМЕРНО Е ФИЛИПЧЕ ДА ПОДНЕСУВА ЗАКОН ЗА НАСТРАДАНИТЕ ВО КОЧАНИ Тоа е како да поднесе закон за Модуларната болница или за враќање на името
Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ го обвини лидерот на СДСМ Венко Филипче за лицемерие поради новиот закон за помош за жртвите во Кочани кој го поднесе СДСМ.
Поднесување на предлог закон за настраданите во Кочани од страна на СДСМ е исмевање на народот во очи, смета Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ. Во соопштение до јавноста Манасиевски го обвини лидерот на СДСМ Венко Филипче за лицемерие.
„Лицемерно и исмевање на народот во лице е СДСМ и Филипче да поднесуваат закон за Кочани, тоа е исто како да поднесеа за Модуларната или за враќање на името. СДСМ и Филипче 7 години беа власт во Македонија. 7 години ја уништија државата до степен на непрепознатливост. СДСМ и Филипче се причина за разурнатиот систем.
Што е следно? СДСМ и Филипче поднесуваат закон за враќање на името? Закон за Модуларната? Или закон за Онкологија?
Дали можеби Филипче е на ум да поднесе закон за потекло на имотот на Зоран Заев? Или закон за поништување на законските измени на Кривичниот закон, со кои се спасија од прогон?
Трагично и апсурдно е колку СДСМ и Филипче мислат дека народот не ги гледа нивните намери.
Но исто така приодот во СДСМ и тој на Филипче покажува дека таму ништо се нема сменето. Тоа е истата онаа партија која смени име, беше причина за Беса транс, Ласкарци, Модуларната, Онкологија и десетици други трагедии, и не чувствуваа никаква одговорност за истите.
И СДСМ и Филипче се проблемот, а не решението“, соопшти Манасиевски.