„ЛЕВИЦА СТАНА ЕЛИТИСТИЧКА ПАРТИЈА“ До кога ќе се претставуваат како скромни и неподмитливи, прашува Манасиевски
Тие се луѓе кои денес говорат едно, а утре друго. Тие се луѓе кои немаат став, визија и програма. Тие се луѓе кои си ги користат сопствените членови и граѓаните, па потоа истите ги молат за донации, за на крај тие пари да завршат токму во џебовите на президиумот на Левица, рече денеска Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Од левичарска и работничка партија како што се претставуваа, Димитар Апасиев ја претвори Левица во елитистичка партија која гази врз народот, рече денеска Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Лажната скромност и лажната неподмитливост на Апасиев и Левица излегоа на површина, додаде тој.
– Апасиев и Левица пред само некој месец купија конфискуван недвижен имот, кој во реалноста чини 3 до 4 пати поскапо, преку договор со извршител и банка. Апасиев и Левица тогаш демантираа и велеа дека таков простор немаат купено, ниту пак дека бил евтин, за на крај, нашата теза дека тие купиле конкретно таков имот, испадне вистинита. На една од седниците на ЦК на Левица, Апасиев вели, цитирам: „Недвижноста има 4 нивоа. минус 2 го планираме за Ред Каст и студио, како еден вид прес центар и студио, минус 1 има конгресна сала, 0 спрат за кафич во кој претежно ќе бидат ангажирани дечки од Центар за внатрепартиска безбедност. А на спратот би биле редакциите на Антропол и на Ленка“, затворен цитат. Подолу во исиот овој записник, Апасиев додава:„Условите се повеќе од задоволителни, нас во просек за овие квадрати ни испаѓа по 900 евра по квадрат. Од 280 илјади евра, на 250 илјади евра плус ДДВ”, ова го кажува Апасиев на седницата на ЦК на партијата – рече Манасиевски.
Апасиев и Левица сè се, само не се неподмитливи, рече тој.
– Тие се луѓе кои денес говорат едно, а утре друго. Тие се луѓе кои немаат став, визија и програма. Тие се луѓе кои си ги користат сопствените членови и граѓаните, па потоа истите ги молат за донации, за на крај тие пари да завршат токму во џебовите на президиумот на Левица. До кога Апасиев и Левица, ќе се претставуваат како скромни и неподмитливи пред граѓаните, а од друга страна ќе купуваат објекти во центарот на градот, за 3-4 пати поевтино во директен договор со извршители? До кога Апасиев и Левица ќе земаат патни трошоци од сопствената партија, а ќе ги напаѓаат останатите останатите пратеници на кои Законот им го гарантира тоа право? Апасиев и Левица се демаскирани – рече Манасиевски.