Левица со кривична до експретседателот на Уставен Мурати за саботажа
Од Левица велат дека кривичната за Мурати е бидејќи додека бил претседател на Уставниот суд, свесно и злонамерно, занемарувајќи ги своите службени должности, на прикриен и подмолен начин, одбил ажурно да постапува по иницијативата за Законот за јазици и контроверзниот т.н. „указ“ за негово прогласување – без потпис на претседателот Пендаровски.
Правниот тим на Левица, поднесе до скопското обивнителство кривична пријава против поранешниот уставен судија Сали Мурати, поради сомневање за саботажа, како дело против државата и за кое е предвидена минимална казна затвор од четири години, информира Левица.
Од Левица велат дека кривичната за Мурати е бидејќи додека бил претседател на Уставниот суд, свесно и злонамерно, занемарувајќи ги своите службени должности, на прикриен и подмолен начин, одбил ажурно да постапува по иницијативата за Законот за јазици и контроверзниот т.н. „указ“ за негово прогласување – без потпис на претседателот Пендаровски иако тоа му била уставна и деловничка должност, и со тоа овозможил недозволиво одолговлекување до недоглед на постапката за оцена на уставноста и законитоста со тешко отстранливи штетни последици во праксата.
– Пријавениот се терети дека, на овој начин, сторил енормна политичко-правна штета на ниво на држава – овозможувајќи во правниот промет и сообраќај да стапи на сила т.н. „закон“ без потпис од шефот на државата, што е без преседан во нашата досегашна државно-правна историја! Со ова свое исклучително штетно дејствие, тој занемарувајќи ја својата обврска како „чувар на Уставот и законите“, дополнително причинил и значителна имотна штета која се состои во тоа што сите стотици централни и локални органи и званични јавни институции, противуставно, биле приморани да ги сменат во двојазични своите официјални табли на кои се испишани нивните називи, потоа службените печати, штембили, меморандуми, коверти, интерни инсигнии, веб-сајтови и сл. и на овој инсајдерски начин, со своето малициозно неделување и пропуштање службено дејствие, придонел да се оштети државниот буџет со апроксимативна сума од неколку милиони евра во денарска противвредност – велат од Левица.