ЛЕВИЦА ПОДНЕСЕ ИНТЕРПЕЛАЦИЈА ЗА ТОШКОВСКИ Половина од забелешките се однесуваат на трагедијата во Кочани
Од позиција на министер, Тошковски грубо ја занемари и несоодветно ја извршуваше својата јавна функција, постапувајќи нестручно, неодговорно и непрофесионално што се оделотвори во низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови промашувања во МВР, рече пратеникот Сашко Јанчев од Левица.
Пратеничката група на Левица денеска поднесе Интерпелација за работата на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, истакна пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, на денешната прес-конференција.
– Од позиција на министер, Тошковски грубо ја занемари и несоодветно ја извршуваше својата јавна функција, постапувајќи нестручно, неодговорно и непрофесионално што се оделотвори во низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови промашувања во МВР – рече Јанчев од Левица.
Од Левица, на прес-конференцијата образложија дека интерпелацијата е базирана на 10 основи од кои 5 се директно поврзани со трагичниот настан во Кочани.
– Немање никаква контрола врз дискотеката „Пулс” што е изричнo законска обврска на МВР. Согласно член 21 став 1 алинеа 4 од Законот за угостителска дејност МВР дава согласност за угостителски објект дали ги исполнува условите за заштита на јавен ред и мир. МВР, исто така, е надлежна да утврди гласност, точење на алкохол, користење на психотропни супстанци и дроги, присуство на малолетници и т.н. МВР потфрли во сето ова. Долг период се избегнува во истрагите да се вметнат и лица, функционери и носители на јавни функции коишто се блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Не слушнавме дека актуелната началничка на ОВР – Кочани и началникот на Одделот за криминалистички работи се вклучени во истрагата. Тие се година дена на функција, а вториот има слика во партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ во Кочани. Не слушнавме дека во истрагата е вклучена инспекторката за економски криминал на ОВР Кочани, која имајќи ги предвид нерегуларностите на работењето на дискотеката не презела никакви мерки за истрага коишто и се законска обврска. Не слушнавме дека во истрагата е вклучен и сменоводителот за време на кобната ноќ, којшто не презел мерки за контрола на објектот и обезбедување јавен ред и мир, па во објектот се нашле и малолетни лица. Дополнително, во време на мандатот на Тошковски е обновена лиценцата на оваа дискотека. Тој е министер повеќе од една година, затоа што тој беше министер и во техничката влада и во сите овие пропусти, директна командна одговорност има Министерот за внатрешни работи – порача Јанчев.
Втор основ, додаде тој, е нелегалната употреба на пиротехнички средства.
– Согласно Законот за заштита од експлозивни материи, МВР е таа којашто води евиденција на издадени одобренија за пиротехнички средства. Согласно член 33 од Законот за експлозивни материи, МВР е надлежен орган за забрани за ракување со пиротехнички средства, кои се ракувани од нестручни, неоспособни и неовластени лица. Од медиумите дознавме дека и претходно во дискотеката се користени пиротехнички средства. Немаме никаква информација дека МВР било кога постапило во вакви случаеви, а ни дека некогаш биле поднесени било какви дисциплински мерки од страна на Министерот за неговите подредени за неисполнување на службените должности, што е доказ за несоодветно менаџирање со системот на јавна безбедност. Третиот основ е неукажувањето помош од страна на полицајците, за време на настанот. Согласно член 5 став 1 алинеа 19 од Законот за полицијата, „полициски службеник е должен да презема мерки и активности за помош на настрадани дури и надвор од работното време”. Четвртиот основ се непроцесуираните Фејсбук-закани упатени кон критичарите на власта во време на колективна траума и јавен револт. Јавноста беше сведок на несовесни обвинувања, изнесување невистинити информации и закани, особено, на социјални мрежи и оркестриран јавен линч и партиски хајки против неистомисленици и критичари на власта – рече Јанчев.
Петтиот основ, посочи тој, е злоупотребата на МВР со забраната за дронови со цел задушување на протестите.
– Согласно Правилникот за воздухоплов и безекипаж, одредени зони можат да бидат ограничени, но ваквите одлуки морат да бидат прецизно дефинирани и јавно достапни за сите засегнати страни – истакна Јанчев.
Јанчев ги истакна и останатите основи коишто не се поврзани со трагедијата во Кочани:
1. Апсењето граѓани во гостиварско кои се собраа да чистат стара црква и им беше пуштено полиција и насилно беше разбиена акцијата и се стори потенцијал за несакани меѓуетнички тензии;
2. Непостапувањето на полицијата при палење на македонското знаме при прославата на денот на албанското знаме. Ние сведочевме случај на фанатичен сепаратизам и анти-македонизам, кога се запали знамето, се пукаше со автоматско оружје, а полицијата стоеше со вкрстени раце.
3. Кражба на марихуана којашто беше чувана од полицијата. Станува збор за запленети стебла од канабисова фабрика и тоа беа украдени од фабрика којашто била обезбедувана и под директна полициска заштита од страна на СВР Штип.
4. Скандалот со притворање на телохранителот на премиерот за оддавањето на тајни документи коишто содржеле класификација – службена тајна. Ова е доказ дека системот за правилно селектирање и профилирање кадри во МВР е сериозно поткопан.
5. Вработување и назначување на позиции во МВР на лица со сомнителен кариерен развој, па така, за свој секретар во министерството тој го назначи Петрушевски, којшто претходно има обвиненија за местење тендери и финансиски злоупотреби.