Левица ќе го стави Собранието во аут до локалните избори во октомври!?
Засега ни мнозинството ни претседателот на Собранието Талат Џафери немаат одговор како ќе функционира Собранието ако секој закон биде затрупан со илјадници амандмани.
Парламентарното мнозинство допрва ќе гради стратегија како Собранието да остане функционално откако Левица најави блокада на сите закони кои ќе дојдат во Парламентот од Владата и од мнозинството, изреволтирани дека Законот за државјанство ќе се носи по скратена постапка бидејќи Владата му закачи европско знаменце.
Засега, ни мнозинството, ни претседателот на Собранието, Талат Џафери, немаат одговор како ќе функционира Собранието ако секој закон биде затрупан со илјадници амандмани.
Неизвесно е дали мнозинството ќе најде чаре за функционално Собрание сега или ќе се чека страстите да стивнат по летниот одмор на пратениците, па од септември да бараат решение. Но, и по одморот на пратениците во август, можно е Собранието да остане заглавено бидејќи кон крајот на септември треба да почне кампањата за локалните избори, кои треба да се одржат во втората половина на октомври.
Ако се следи досегашната практика законодавниот дом да не заседава 20 дена колку што трае предизборната кампања, тоа ќе значи дека е можно Собранието да профункционира дури по локалните избори, ако власта најде чаре за купиштата амандмани што ги најави Левица.
Пратеникот на Левица, Борислав Крмов, вчера ја најави блокадата на законодавниот дом.
– Почнуваме со целосна блокада на Собранието, со блокада на сите закони којшто се предложени од мнозинството и од Владата за целосна парализа на Собранието поради пуштање на закони по скратена постапка, дискриминација на неалбанските пратеници и за да се заузди злоупотребата на европското знаменце – рече Крмов.
И ВМРО-ДПМНЕ смета дека мнозинството и Владата го злоупотребуваат европското знаменце и како што велат, кога ќе видат дека некој закон не може да помине на легален начин во Собранието му ставаат европско знаменце со што ја ускратува расправата.
Од претседателот на Парламентот не добивме одговор што како прв меѓу еднаквите ќе преземе за Собранието да може да работи.
Од СДСМ велат дека допрва ќе следат консултации со претседателот Џафери, односно прво да ја видат намерата на Левица како ќе оневозможува носење на законите дали преку поднесување на илјадници амандмани или преку маратонски говори. Сепак од СДСМ се убедени дека нема да дозволат блокада и нефункционирање на Собранието.
Ни пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов, на новинарско прашање не одговори како ќе ја спречат парализата на законодавниот дом најавена од левица. Тој само констатира дека на Левица не ѝ е првпат да прави обиди за блокада.
– Не е само законот за државјанство којшто опозицијата, мислам и на Левица и на ВМРО-ДПМНЕ, се обидуваат да го блокираат. Станува збор за партија која има двајца претставници во Парламентот и ако добро анализираме ќе видиме дека ги нема на работа. Во комисиите каде практично се креираат законските решенија го имаат целосното деловничко право да подобруваат текстови на закони, но наместо тоа, двајцата пратеници решиле да блокираат. Тие заедно со ВМРО-ДПМНЕ блокираат сè и тоа наликува на политичари од поранешни векови. Не на модерни политичари. Тоа е пример како модерен политичар не треба да изгледа – рече Костадинов.
Од Алијанса за Албанците, која претходно блокираше закони поради блокадата на нивниот закон за државјанство, сега велат дека што и да прави Левица не може да го изблокира законот бидејќи тој е со европско знаменце, односно за три дена расправа мора да се донесе.
Актуелниот собраниски состав повеќе пати се соочува со блокади на закони, така што јавноста беше сведок дека едвај се носеа и законските решенија за коронакризата, како и пакетот закони за справување со пандемијата.