Левица: Државното финансирање на партиите е важно, обезбедува политичка независност

Токму државното финансирање, наведуваат од Левица, има многу поголема важност за опстојувањето на оние партии кои намерно избегнуваат финансирање од крупен капитал и приватни донатори заради обезбедување политичка независност.

1,933

Државното финансирање на политичките партии има клучна улога во одржување на каков таков политички плурализам. Иако сегашниот модел, на малите политички партии им носи најмал процент од финансиите, сепак, тоа има и далеку поголемо влијание врз нивната можност да учествуваат и да се борат во политичкиот систем, односно да ги претставуваат интересите на нивните гласачи, истакнуваат за Плусинфо од партијата Левица.

– Според последните измени на Законот за финансирање на политичките партии од 25.07.2018 кои ги направи владата на СДСМ, каде наместо 0,06 отсто, беше сменето во насока политичките партии да добиваат 0,15 отсто од буџетот, што во контекст на општата социјална состојба на државата, сумата која се одвојува за оваа намена ја прави неоправдана. Но, непотребно трошење на државниот буџет е главна карактеристика на нашиот политички систем. Сумите кои се трошат за плати, придонеси и службени трошоци како и обезбедувањето на разни привилегии, карактеристични за естаблишментот, како и трошоците кои ги прават одвишните министерства и еден куп разни управи, агенции, дирекции, инспекторати, комисии, заводи, бироа, центри, служби, установи, како органи во состав на министерствата, се многу поголеми од оваа сума која се одвојува за политичките партии – велат од партијата.






И токму државното финансирање, наведуваат оттаму, има многу поголема важност за опстојувањето на оние партии кои намерно избегнуваат финансирање од крупен капитал и приватни донатори заради обезбедување политичка независност.

– Она што е проблем, покрај транспарентноста во трошењето на тие пари, е можноста партиите да се финансираат преку приватни донации, односно донации на финансиски моќници и бизнис лобиа, што понатаму се одразува на нивната политика, односно влијанија/притисоци на донаторите во носењето на политичките одлуки (рамен данок, кратење на работнички права, заштита од инспекции, предност при добивање на тендери, доделување на разни дозволи за градба за донатори од градежен сектор итн). Токму владеачката партија СДСМ на чело со бизнисменот Заев е еклатантен пример за последново – велат од Левица.

Викендов, без свиркање, без расправии и без поднесување илјадници амандмани со цел да се парализира Собранието, како што тоа обично се случува во македонскиот парламент кога опозицијата е незадоволна од она што власта сака да го истурка, пратениците сложно кренаа рака и го изгласаа Законот за финансирање на политичките партии. Тоа значи дека 3.5 милиони евра, односно 0.10 отсто од буџетските пари, наскоро ќе им легнат на партиските сметки.

Всушност, законот претходно им дозволуваше на партиите да добиваат 0.15 отсто од буџетот, но во јуни годинава, поради пандемијата со коронавирусот, ова беше изменето и со уредба со сила на закон беше предвидено финансирање од само 0.4 отсто, односно 1.1 милиони евра наместо 5.2 милиони евра.

Поврзани содржини