ЛЕВИЦА БАРА ОСТАВКА ОД ЦЕЛАТА АНТИКОРУПЦИСКА Потегот на Димитровска е повлечен под јавен притисок, не е морален чин
Партијата Левица смета дека овој состав на Државната комисија за спречување на корупцијата низ целиот свој мандат не отворил ниту еден сериозен случај против функционери на власта.
Денешната оставка на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, не претставува чин на морална одговорност, туку е директна последица од засилениот јавен, медиумски и политички притисок, особено откако Левица поднесе иницијатива за нејзино разрешување во Собранието, реагира Левица.
Левица бара колективна оставка на целиот состав на ДКСК. Партијата смета дека овој состав низ целиот свој мандат не отворил ниту еден сериозен случај против функционери на власта.
„Димитровска, која претходно експлицитно одбиваше да си поднесе оставка, очигледно заминува во обид да се избегне отворена политичка конфронтација и срамно гласање по иницијативата на Левица. Дека оваа оставка е договорена, а не доброволна, јасно говори молкот на ДПМНЕ и на владата предводена од Мицкоски, како и на СДС, кои во ниту еден момент не побараа одговорност и не упатија никаква критика за работата на ДКСК, дури ни откако против Димитровска се покренаа две обвиненија“, се наведува во реакцијата на Левица.
Оттаму сметаат дека угледот и кредибилитетот на ДКСК се целосно компромитирани, а загрижува и фактот што составот на Комисијата не се дистанцирал од Димитровска, ниту побарал оставка од неа.