Летот над македонското „гнездо“

Македонскиот граѓанин не може – па и не смее, ако баш сакате – да каже дека е изненаден, дури фрапиран, од тоа што се случувало во Психијатриската болница „Демир Хисар“. Па и на фамозната Онкологија, или во болницата во Битола, но и во целото здравство. Зашто македонскиве клонови на д-р Менгеле не се случајно вчера паднати од Марс.

743

Но, да беше ова цивилизирана, демократска држава, и премиерот ќе си поднесеше оставка веднаш по министерчето, а особено откако ја кажа и онаа парадоксална глупост дека неговата парламентарна група ќе поднесе амандман на негов закон, предложен од негова влада! И не само заради овој епохален виц, туку и заради најсмешните – да не кажам повторно најглупавите – образложенија за редица други негови и постапки на неговата влада. Од амнестирање на затвореници заради лоши услови во затворите, преку „стручни тајни“ во астрономскиот (криминален) договор за оние коридори, до Кривичниот закон (сосе европското знаменце)… итн.

Сѐ се тоа апсурдни делчиња во еден (повторен) кукавичко-налудничав „проект“ – првиот беше оној „Преспанскиот“ – којшто го зацврстува неморалното политичко силеџиство на оваа власт поттикнувано, дури одобрувано, од „стратешките“ партнери.

Затоа ова не е нормална држава туку само некакво чудно „гнездо“ над коешто прелетуваат познатите филмски ликови на Милош Форман, од Рејчел Милдред до Рендал МекМарфи. Што е уште една потврда дека филмот не е илузија туку често оди пред реалните настани!

А ние сме токму таа реалност идентична со филмската приказна на Форман, ние сме пациентите на овие инквизиторски бајачи и пазарџиски политиканти, македонскиот граѓанин е тоа експериментално глувче клукано со седативи и електрошокови (енергетски, ценовни, политички, морални…). Врз нас се преиспитува ефикасноста на „старите методи“ на врзување со ланци или историски ремени, но се тестираат и нови идентитетски „терапии“ смислени некаде во подрумите на „меѓународната заедница“. Зошто баш таа? Па затоа што малите умови на нашиве политиканти се објективно некапацитетни да смислат што и да е. Тие се само автомати што работат според нечии „протоколи“, како што впрочем „елоквентно“ ни објасни во врска со синџирите и нашата Милдред во издание на министерчето за здравство.

А сепак, македонскиот граѓанин не може – па и не смее, ако баш сакате – да каже дека е изненаден, дури фрапиран, од тоа што се случувало во Психијатриската болница „Демир Хисар“. Па и на фамозната Онкологија, или во болницата во Битола, но и во целото здравство. Зашто македонскиве клонови на д-р Менгеле не се случајно вчера паднати од Марс. А не се ни овие наследнициве на Гебелс. Тие се одамна тука но ние некако престанавме да ги гледаме и нив и синџирите околу нашите раце. Свикнавме на нив, како што свикнуваме и на секој будала, па и на најглупавиот протагонист од овие криминални власти што се редат во македонската реалност. А со тоа целосно се вклопуваме во нивниот „проект“.

И повторно како кај Форман, пред нас парадираат верни копии на ликовите како Дејл, Били или Чарли…, но со изменети улоги: тие нам ни делат добра – и силна! – медикаментозна смирувачка терапија. Со попатни електроконвулзии како најефикасно средство за непослушни и бунтовни граѓани. Инаку како, и зошто, ние би ги трпеле толку децении?

Никој овде не се ни обидува да одговори на тоа прашање. Дали, на пример, ние несвесно ја прифативме тезата на австрискиот психијатар Виктор Франкл кој тврди дека „кога повеќе не сме во состојба да смениме една ситуација – предизвикани сме да се смениме себеси“?! Интересно е што овој човек преживеал три години во најлошите германски концентрациони логори (Аушвиц, Берген-Белсен, Терезиенштад), каде го загубил речиси целото потесно семејство. Така ли преживеал, и тој метод ли го практицираме и ние иако нашиот логор е современ?

Дали ние свикнавме, и прифативме, оваа власт (со нејзините „интелектуални“ трабанти) да ни ја наметне мислата дека ние всушност имаме проблем со себеси, а не со неа и нејзиното („добро“) зло? И дека мора да се менуваме, но во нејзина полза и според нејзиниот „модел“? Или и ние, како и Рендал (Џек Николсон) кај Форман, доброволно прифативме да влеземе во оваа лудница само за да ја избегнеме напорната работа во градењето демократија? Што само би ја потврдило формулата на преживување којашто, во најголем дел, се совпаѓа со тезата на Франкл?

Можеби е така, но тогаш и ние а не само власта сме го промашиле векот. Тотално сме дезоириентирани во времето, но и во очекувањата. Ако власта нѐ третира како нејзини потчинети, како пациенти на кои им следува само средновековен третман и никакви права, тогаш ние целосно сме се втопиле во амбиентот. Ако власта комплетно се самоослободила од нејзините базични општествени одговорности – човековите права (вклучувајќи ги тука и етичките односно моралните права), економската одговорност, одговорноста за животната средина, за културата, хуманото владеење и филантропијата итн. – што тогаш, освен секојдневната „терапија“, очекуваме од неа? Или „терапијата“ толку добро делува што ние не очекуваме ништо туку само бараме уште?

Ако оваа разулавена власт не сака односно не умее функционално да ги операционализира нејзините должности туку ги ефектуира сосема спротивните „вредности“ (стимулирање на криминалот и корупцијата, на непотизмот и клиентелизмот, зацврстување на партократијата и неодговорноста, распродавање на ресурсите на свои блиски итн.), каде е нашето место во оваа реалност? И кој, и каков ќе биде последниот чин во современава македонска трагедија?

Сето ова веќе драматично повикува на сериозна проценка на политичката зрелост, совесност, дораснатост – да не речам пресметливост – (не само) на актуелните македонски политички „елити“ во критичниот миг во којшто се наоѓа земјата. Зашто, кога, на пример, ја слушавме „реакцијата“ на премиерот апропо „промоцијата“ на Демачи и знамето со „Голема Албанија“ во Македонија, или аналфабетската ароганција на министерката за одбрана и нејзината опсесија за (незаконско) подигање споменици, или опасниот национализам на Османи и неговата опсесија со Србија и сѐ што е српско (со очекуван аплауз од македонските искомплексирани србофоби!)…, не сте докрај сигурни дали е тоа само локален политикантски фолклор или нешто многу, многу подлабоко. И лошо, неуко, некултурно… болно!

И сето тоа се важни елементи што ќе мора да се ценат на секои наредни избори. Но тие никако не доаѓаат. Но не доаѓа ни граѓанскиот гнев, оној на „поглавицата“ кај Форман или некој барем сличен на пензионерскиве протести. Дотаму ли дојде македонската слобода, за неа да се борат – пензионерите?

Не случајно ја спомнувам слободата како највисок човеков идеал и право зашто македонското општество (повторно) станува опресивно, рестриктивно и заробено од партократијата. И, да го парафразирам Русо, денес граѓанинот во Македонија, покрај оние демирхисарските, е заробен и во ментални синџири – во дефетизам, апатија, социјални неправди, неверување во можна подобра иднина… Чувството на немоќ да се променат состојбите е перманентно и станува генерално!

Но тоа се состојби наметнати од криминалните банди маскирани во политички партии, а синџирите – очигледно е – не се веќе само ментални. Меѓутоа, ниту една слобода, колку и да била посакувана, не дошла самата. Македонскиот граѓанин останува клучот на разврската и отстранувањето на синџирите. Оние истите од 1903, 1941, па и 1991 година, без оглед што локалниве банди си ги припишуваат себеси сите заслуги. Заслуги – за што? За ова денес, за „подновени“ 1903 и 1941 година?

Поврзани содржини