ЛЕТОНИЈА БАРА 7 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ОД БРИСЕЛ Во Рига велат дека ја плаќаат одбраната на цела Европа

Летонскиот премиер смета дека земјата заслужува дополнителна финансиска поддршка поради зголемените трошоци за одбрана, падот на трговијата со Русија и нејзината поддршка за Украина.

20

Летонскиот премиер Андрис Кулбергс бара Европската унија да ѝ исплати 7 милијарди евра на Летонија за да ѝ помогне во покривањето на воените и економските трошоци што настанале од почетокот на војната во Украина. Како аргумент ги наведува зголемените издатоци за одбрана и падот на трговијата со Русија.

Кулбергс во интервју за Политико изјавил дека средствата треба да бидат обезбедени од следниот седумгодишен буџет на ЕУ, во рамките на новиот Фонд за конкурентност.






Сумата што Рига сака да ја обезбеди, покрај останатите средства наменети за земјата, би претставувала речиси половина од предвидениот летонски буџет за одбрана од 15,1 милијарда евра за седумгодишниот буџетски период.

Европската комисија предложи значително зголемување на средствата за одбрана на ниво на ЕУ во буџетот за периодот од 2028 до 2034 година. Предвидени се 125,2 милијарди евра за безбедност и одбранбената индустрија.

Сепак, овие средства се наменети за финансирање проекти низ целата Европска унија, а не за една конкретна земја, како што е Летонија. Предлог-буџетот сè уште е предмет на преговори меѓу владите на земјите членки и Европскиот парламент.

Кулбергс смета дека Летонија заслужува посебно внимание бидејќи се задолжува за да ја обезбеди безбедноста и на земјите кои се подалеку од фронтот во Украина.

– Нашиот буџетски дефицит го доведуваме до максимум и од тој долг ја плаќаме одбраната на цела Европа – изјавил летонскиот премиер.

Тој додал дека голем дел од летонските воени расходи се враќаат во побогатите европски економии, посочувајќи ги набавките на оружје од Германија, Франција, Шпанија, Шведска и Холандија.

– Ние ги поттикнуваме нивните економии – рекол Кулбергс.

Летонија е една од најголемите поддржувачи на Украина. И покрај прекинот на односите со Москва, Кулбергс вели дека Рига „мора да биде отворена“ за повторно воспоставување на односите со Русија откако Москва ќе ѝ плати отштета на Украина и лицата одговорни за воени злосторства ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

Како пример што треба да се следи, тој ја посочил повоена Германија.

– Дали ја изолиравме Германија поради тоа? Не. Тоа значи прифаќање на вината, прифаќање на неправдата, казната и одмаздата – изјавил летонскиот премиер, пренесува Политико.

Поврзани содржини