Лековите за комбинацијата што ја испитувале француски научници се достапни – последниот збор ќе се каже во протоколот
Министерот за здравство Венко Филипче не ја отфрли можноста експертите во протоколот да утврдат дека болните од коронавирус ќе се лекуваат и со лекот хидроксихлороин, евентуално во комбинација со лекот азитромицин, кај нас широко познат како „сумамед“. Појасен став за тоа прашање се очекува во текот на утрешниот ден.
Дали во Македонија се планира да се користи лекот хидроксихлороин, евентуално во комбинација со лекот азитромицин, кај нас широко познат како „сумамед“, комбинација што успешно ја тестирале француски и белгиски научници? Министерот за здравство Венко Филипче на вечерашната прес-конференција одговори:
– Тоа се посебни податоци во однос на комбинацијата на тие лекови против маларија и уште еден антибиотик. Кај нас се подготвува протоколот и утре ќе се дискутира и ќе се донесе став.
Филипче потврди дека во светот веќе има студии дека оваа комбинација лекови дава позитивен ефект. Тој изјави дека лекот „сумамед“ кај нас го има во доволни количества, а верува дека има шанса да добиеме соодветно количество од лекот хидроксихлороин.
Инаку, интересно е дека лекот хидроксихлороин веќе бил продаван во Македонија, од страна на една наша веледрогерија, под имињата „плаквенил“ од француско прозиводство и „резохин“ од германско производство.
Инаку, фирмата „Бајер“, која го произведува лекот „резохин“, веќе најави донација од 3 милиони таблети за САД за лекување на коронавирусот, пишува Си-Ен-Ен.
Според наши сознанија, македонските здравствени власти прават напори за набавка на овој лек токму од овој производител. Од друга страна, компанијата „Санофи Франс“ најави спремност за производство на големи количества од лекот „Плакенвил“.
Ете, како и во светот, така и во Македонија, здравствените власти будно ги следат истражувањата и не се откажуваат од идејата во терапијата да се вклучат и лекови за лекување на маларија. Како што најави министерот Филипче, протоколот се подготвува, а веќе во текот на утрешниот ден ќе има појасен став на експертите како понатаму ќе се лекуваат заболените од коронавирус во Македонија.
Како што веќе објави Плусинфо, хидроксихлороин (hydroxychloroquine) и азитромицин, кај нас широко познат како „сумамед“, би можела да биде добитната комбинација во лекувањето на последиците од коронавирусот, откриваат француски и белгијски истражувачи. Но, комбинацијата има и нуспојави, за кои се бара решение.