Лекции што тешко се учат
И повторно, и повторно, и повторно ечат флоскулите за некаква непостоечка но во нивните глави посакувана „северномакедонска“ нација, простачкото бербатење на делото на видни личности од „македонското писателство“ (чудно, не го чепкаат „видниот“ македонски журнализам!), „теориите“ за плашливите Македонци, оние кај кои стравот во очите е голем, но и омразата.
За жал, кај нас одамна веќе не станува збор за „ненаучени лекции“, за некултура, невоспитание, безобразие, уличарство… Ова што нам ни се случува не е резултат (само) на тие „бенигни“ домашно-училишни пропусти зашто поминаа доволно години и една општествено зрела и цивилизирана средина веќе ќе ги корегираше. Ќе ги исфрлеше од системот. Ако го имаше.
Овде сепак станува збор за многу, многу подлабоки, иако во основа многу плитки нешта. Но тие плиткоумните влечат во големи длабочини. И имаат различни имиња, за секој „случај“ одделно, но имаат и заеднички именител: вџасувачка омраза кон сопствените држава и народ, кон нивните симболи и/или видни личности, подметнување ужасна ксенофобичност и нетрпеливост кон соседни држави/народи итн. И сето тоа експоненцијално засилено со промената на власта во државава минатата година односно катастрофалниот пораз на „прогресивната“ и „проевропска“ криминално-коруптивна коалиција! Какви димензии поприма оваа жал по тој гнасен „систем“, невидено нешто.
Следствено, не говорам за онакви скандалозни „инциденти“ како оној на кошаркарскиот натпревар во Куманово и на „европскиот“ одговор на фудбалскиот натпревар во Националната арена во Скопје. Тоа се кај нас „маргиналии“, вообичаени (за жал) провинцијализми со еднакво длабок корен како и сите други, но не се така тешко решливи. И да, како што вели Претседателката, токму тие се израз на ненаучените воспитни лекции дома и во училиште, на некултурното однесување поттикнувано во одредени средини но и во дел од политичките партии итн. Но, тоа што го толерираме, ќе продолжи да ни се случува, зашто (повторно) скандалот во Скопје никој од дотичната страна „не го слушнал“. Глумат – пред кого ли? – дека не го слушнале, но го слушна цела држава, па и меѓународната јавност. Како впрочем и она во Куманово. Меѓутоа, сето тоа стана некаков „локален фолклор“, за жал контролиран токму од „дотичните страни“!
Многу поопасни, поподмолни, перфидно поужасни… се оние јавни изблици на дегутантна омраза на поединци – дел од нив т.н. јавни личности, иако немаат ама баш никаква врска со тој поим! – спакувани во квази-интелектуални пелтечења за власта, државата, народот, културата, идентитетот…, проследени со демагошки провинциски флоскули за наше фалично, фобично (особено албанофобично!), искривено, исконски плашливо битие. И новововедената „опасност“ наречена „српски свет“ којашто се надвиснува над Македонија, а ние никако да ја видиме. Какви „видовити“ тутмаци изникнати од мракобесието на сопствениот ум. А некои од овие простотилаци темпирани токму на годишнината од геноцидната „Олуја“, нудејќи ни го Томсон како пример за идентитетско однесување! Ќе станат ли утре овие шупливи глави заедно со дотичниот, со високо крената рака?
И повторно, и повторно, и повторно ечат флоскулите за некаква непостоечка но во нивните глави посакувана „северномакедонска“ нација, простачкото бербатење на делото на видни личности од „македонското писателство“ (чудно, не го чепкаат „видниот“ македонски журнализам!), „теориите“ за плашливите Македонци, оние кај кои стравот во очите е голем, но и омразата. Плашејќи се од Албанците, нивните/нашите очи, па и светоглед, заедно со омразата, се вртат кон „српскиот свет“. Зошто? Не знаат, ама нашиве селски психотерапевт(к)и уживаат да глумат ученици/ученички на Фројд и Хорни, истураат од ракав тези и теории за некаква нечиста вода што всушност ние самите сме ја избербатиле, а со неа сме се избербатиле и себеси. Историски и идентитетски, како плашливци, мразачи и подлизурковци.
И бидејќи сме такви-никакви, бидејќи де факто и не знаеме кои сме и што сме, тука се тие да ни појаснат. И ни „појаснуваат“ – отсечно, радикално, како со нож пресечено: од онаа 1991 година ние, вакви слепи, глупи и страшливи, сме под постојан притисок на една пропагандна матрица, на еден светоглед, „наратив и проекција“, а тоа е некаков „поглед и однос“ што македонскиот народ треба (мора) да го има кон соседните три народи, освен српскиот, разбира се. Но зошто, и кој ги наметнува(л) тие матрици, наративи и проекции? Веројатно македонските политички партии, но зошто баш во полза на „српскиот свет“? Ни тоа не знаат да го објаснат? Ама зошто тие што знаат, а едно време седеа и во македонскиот парламент комотно инкасирајќи ги парите од глупавиот македонски народ, тогаш не го говореа тоа јавно, зошто тогаш не се бореа против тие наметнати од некого пропаганди? И против „српскиот свет“, заборавајќи притоа на тезгите на Заев, на пример, и лумперајките на Ковачевски низ Белград?
Ама затоа сега ни ја подметнуваат приказната дека ние всушност и не си го знаеме реалниот идентитет туку тој ни е „сервиран македонски идентитет”, темелен на омразата кон соседите, а особено кон Албанците, дома и надвор!
И мразејќо ги сите околу нас, а плашејќи се само од едни, ние се вртиме во историски мрачниот мразачки круг цели триесет и четири години, заплеткани во мрежите на антагонистичките чувства кон невините ни соседи, фатени во стапицата на пропагандите, домашни и странски, а особено – српски! И штом тоа „како официјална политичка одредница“ го констатира и извештајот на еу (малите букви се…) ние тука немаме што и со кого да спориме туку само да ја прифатиме. И да ја поздравиме, ако треба и онака како Томсон, со високо крената рака во хитлеровски поздрав.
Нашата поводливост, но и празноглавост, наводно оди дотаму што ние слепо се придржуваме кон српските „суптилни“ рецепти што ни диктираат конкретно однесување особено кон Албанците во земјата. Затоа, веројатно, и она навивање неодамна во Куманово. Но, како ли овие србофобни празноглавци го објаснуваат сличното навивање на Албанците во Националната арена? Чии рецепти тие следат, според кои и какви матрици се однесуваат…, или тие нешта се резервирани само за македончето? И дали србофобичноста и македонофобичноста на овие шушумиги, на која би им позавиделе сите соседи кои така сакаат да нѐ гледаат, имаат слична „задршка или антагонизам“ и кон другите соседи или тие „чувства“ се резервирани само за северниот? Се разбира, тие сега си лечат комплекси уште од времето на бившата држава, којзнае колку малечки се чувствувале тогаш, иако тие и такви чувства немаат ама баш никаква врска со другиот туку само и исклучиво со себеси! Ни толку не научиле од Фројд, Јунг и компанија. Тие се малечки во секој поглед, минорни човечиња, сега раскрилени во нивната омраза кон еден народ камуфлирана низ нивното „откривање“ на фобичноста на Македонецот. И не научија дека кај народите/нации нема таков role model кој би им диктирал специфично однесување. Или ако има, македонските не се такви како што тие ги гледаат и опишуваат. Луѓето сепак, па и во оваа Македонија, се индивидуи со лични чувства и погледи на светот, па и на соседите.
Тоа што ваквите улични гатач(к)и сакаат да ни наметнат одредено национално однесување – или синдром! – и зошто, е прашање за сериозни анализи од одредени државни институции. Бидејќи, повторно: таквите обиди и однесување, во основа ксенофобични и со намера да инсталираат некаков колективен срам и вина кај луѓето, не можат да се подведат под слобода на јавен збор. Или навивање на натпревар. Во таков случај ризикуваме и навивачките националистички и ксенофобични скандирања да се затскриваат зад таа завеса.
И токму тоа се лекциите што тешко се учат, индивидуално и колективно. Индивидуалното учење зависи од личните капацитети, а тие кај овие се ниски, многу ниски. Тоа се во принцип неморални и општествено отуѓени луѓе кои во општествените процеси го разбираат само звукот на сребрениците. А нив, сребрениците, барем денес, ги има од многу страни. Но кога такви простаци држат општествени лекции, тогаш проработуваат стомачните грчеви. А треба да проработи и нешто друго, ако го има, ако постои, а се вика – држава!
П.С.
Говорејќи за „завесите“, еве веднаш ни се нудат нови, специфични и само „наши“: не можеле да се поистоветуваат скандалозните националистички пораки, имало меѓу нив „суптилни“ разлики. Господ да чува и да брани!
Извор: Теодосиевски уметност