Лекции од Авганистан

Антиамериканизмот е во подем во Македонија и ретко кој се осмелува да му застане на патот. Зошто? Затоа што антиамериканизмот е второто лице на македонскиот национализам, кој не ни дозволува да разбереме дека зад секоја сила стојат вредности.

1,567

Рузвелт и Черчил, на состанок во 1943 година, поучени од подемот на Хитлер, констатираат дека диктатурите на само што се опасност за демократските системи и за демократските вредности на Западниот свет, туку и дека ваквите режими го загрозуваат светскиот мир. Оттаму и постојаната борба, со променлива среќа, на демократските земји против автократиите, во текот на Студената војна и по неа.

Јасно е дека демократијата во светот доживеа пораз со повлекувањето на американските трупи од Аганистан. Авторитарните режими имаат причина за славење. Русија, Кина, Северна Кореја или Иран, да споменам некои од позначајните, сега очекуваат притисокот на либералниот „империјализам“ врз нив да попушти. Веројатно така и ќе биде. Следните интервенции на САД, изјави американскиот претседател Џозеф Бајден, ќе бидат строго фокусирани на националниот интерес  на Америка и ќе бидат временски лимитирани. Нема веќе безвременски проекти за градеење на демократски држави, како што беше дведеценискиот во Авганистан.






Всушност, Авганистан, а пред тоа Ирак, се само доказ дека демократијата е нежна билка која тешко успева на тврдата автократска почва на земјите на Истокот.

Не, нема да исчезне дилемата дали да интервенира или не демократскиот свет, кога некоја осилена група или некој диктатор масовно кршат човекови права. И натаму совеста на народите на демократските држави ќе биде вознемирена од сликите како оние некогашните од Ирак, кога Садам Хусеин фрлаше отровен гас врз курдски села, по чии улици лежеа вкочанети тела на мажи, жени и деца и онаа со очајниот поглед на мајката костур, која држи дете костур во Сомалија, само затоа што локалните политички кланови ја крадат хуманитарната помош наменета за нивниот народ. Или онаа сцена од најновиот  видео клип, на млад осилен и со калашников во рака Талибанец, кој му удира два шамара на уапсениот возрасен артист, комичар, пред да го стрела. Видео кое ни го скрши срцето, нѐ посрамоти каком човечки суштества и ни навести каква иднина ја очекува земјата под Талибанците.

Не, насилството, бедата и гладот било каде во светот, не може да го остави рамнодушен демократскиот свет. Но, барем во догледно време, одлуките за интервенција ќе бидат раководени пред сѐ од националниот интерес на Америка и на западните сојузници.

А што ако одлучат дека е доста од американскиот воен ангажман на Западниот Балкан и ако се затвори воената база Бондстил на Косово? Што ако се прашаат Американците, нели им дадовме доволно време на балканските народи демократски да си ја уредат куќата и ги повлечат американските трупи? И повторно, како во Ирак или во Авганистан, тие ли ќе се виновни што врз нашата тврда балканска почва тешко вирее нежната билка на демократијата, а цути национализмот?

Не е во прашање никаков заговор. Самиот допир на овие две цивилизации предизвикува искричење, зашто либералната демократија ја загрозува власта на автократите во светот, а автократските системи ги загрозуваат демократските вредности на противниците. Нешто налик на политичка физика.

Сум забележал дека истото се случува и на ниво на поединци. Лесно се разбирам со либерален ум од другата страна на планетата, ама никако со локален националист кој вели дека Охридскиот и Преспанскиот договор ја уништиле, а не спасиле нашата држава.

Либералната и радикалната теза се во перманентна конфронтација. Нема власт врз жените каква што наметнуваат радикалните исламисти во услови на демократија. Нема демократски вредности во услови на автократија. Судирот е глобален, но одговорот може да биде локален.

Како да помогне Македонија? Така што ќе ја брани и ќе ја гради либералната демократија во земјата и ќе ја афирмира идејата за сојуз на демократиите во светот. Но, антиамериканизмот е во подем во Македонија и ретко кој се осмелува да му застане на патот. Зошто? Затоа што антиамериканизмот е второто лице на македонскиот национализам, кој не ни дозволува да разбереме дека зад секоја сила стојат вредности. Вредности на режим кој дели шамари и стрела свои граѓани и вредности на политички систем кој почива врз владеење на правото и на човековите права, за сите подеднакво.

 

Поврзани содржини