ЛАЖНИОТ „АВТОР НА НАЦРТОТ“ НА ОХРИДСКИОТ ДОГОВОР ПОЛ ВИЛИЈАМС Зошто ДУИ скандалозно го претставува Американецот, кој сега спремил нацрт за поделба на Македонија?
Челниците на ДУИ лажно го претставуваат Американецот Пол Вилијамс како „автор на оригиналниот нацрт“ на Охридскиот рамковен договор, очигледно со јасна намера да кажат дека зад овој „тезгарош“и денес стојат Американците, како во 2001 година. Идејата е да се создаде перцепција дека САД, Стејт департментот и Американската амбасада во Скопје стојат и зад новиот „документ“ што го подготвувал Вилијамс по нарачка на Али Ахмети.
Пол Вилијамс е името на Американецот кој подготвил нацрт на документ за поделба на Македонија по региони, по примерот на Северна Ирска и на Белгија. Документот го изработил по нарачка на Али Ахмети, а Крешник Бектеши од ДУИ тврди дека целта на нацртот била „целосна рамноправност“ на Албанците во Македонија.
ДУИ го претставува Пол Вилијамс како „директен учесник“ во процесот на создавањето на Охридскиот рамковен договор во 2001 година, во својство на меѓународен експерт. Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби во август годинава го најави присуството на Американецот на прославата на Рамковниот договор и го претстави како „авторот на нацрт-верзијата на Рамковниот договор“.
Интересно е дека на Википедија Пол Р. Вилијамс е претставен како професор по право и меѓународни односи на Американскиот универзитет во Вашингтон. Во биографијата на Википедија се тврди дека Вилијамс им помогнал на дваесетина држави и субјекти во големи меѓународни преговори за мир, изготвување на законодавство и планирање политики. Тој наводно учествувал како претставник во преговорите за Дејтонскиот договор, во преговорите за Договорот од Рамбује и во преговорите во Париз за конфликтот на Косово. Секако, тука е и неговото наводно учество во преговорите за Охридскиот договор, но и во преговорите Подгорица – Белград. Исто така, се посочува дека Вилијамс советувал десетина влади и партии во Африка, Азија и Европа, вклучувајќи ги Авганистан, Босна, Ирак, Косово, Црна Гора и Нагорно Карабах, како и претседателот на Македонија, претседателот на Естонија и министерот за надворешни работи на Црна Гора.
Дали е сето ова точно?
Што се однесува до Охридскиот рамковен договор, Плусинфо ги истражи елементарните факти и утврди дека станува збор за – ноторна лага!
Поточно, можно е Пол Вилијамс да ѝ помагал на некоја од страните во преговорите, но точно се знаат имињата на двајцата олеснувачи во преговорите – претставникот на САД Џејмс Пердју и Французинот Франсоа Леотар – како и имињата на петте меѓународни експерти кои учествувале во подготовката на Охридскиот рамковен договор. Нивните имиња Пердју ги запишал во својата книга „Миротворци“.
Истите имиња се спомнуваат и во една знаменита студија на реномираната Бергхоф Фондација за Охридскиот договор, која може да ја преземете на следниот ЛИНК.
Што и да бил и што и да е Пол Вилијамс, тој не е еден од петтемина експерти кои го изработиле Охридскиот рамковен договор.
Еве кои се петтемина:
Арно Бартелеми (Arnaud Barthelemy) има двоен бекграунд на дипломат и на инвеститор. Својата кариера ја почнал во француската дипломатија, каде што поминал 15 година, најзабележително како претставник на својата земја во Советот за безбедност на ООН, но и како водечки претставник во Хонг Конг.
Фернандо Џентилини (Fernando Gentilini) од 1990 година е ангажиран во Министерството за надворешни работи на Италија. Од 1996 до 1999 година бил прв секретар на Италијанската мисија во Европската унија, а од 2002 до 2004 година е назначен за директор на Одделот за Западен Балкан. Очигледно, станува збор за експерт за нашиот регион.
Томас Маркерт (Thomas Markert) е германски адвокат, со богато меѓународно образование. Како правник бил во Советот на Европа и во Венецијанската комисија, а во неговата биографија се спомнуваат и конференцијата во Рамбује и Охридскиот рамковен договор, како и некои негови подоцнежни ангажмани поврзани со регипонот.
Аксел Дитман (Аxel Dietmann) е вториот Германец во експертскиот тим. И тој има богато дипломатско искуство и бил поранешен амбасадор на Германија во Белград.
Лорел Милер (Laurel Miller) е единствената Американка во експертскиот тим. Доаѓа од Стејт департментот. Во нејзината биографија се спомнуваат одговорностите на специјален претставник на САД во Авганистан и Пакистан. Нејзината улога на дипломат од „тешка категорија“ е потврдена и со нејзинпото назначување на чело на американската Фондација Азија во 2023 година. Во тимот во Охрид веројатно се нашла по избор на Пердју.
Тоа се петте експерти кои им помагаат на олеснувачите Пердју и Леотар и кои го скицираат и го подготвуваат Охридскиот рамковен договор vo 2001 godina. Правникот Пол Вилијамс дефинитивно не е меѓу нив.
Можно ли е, сепак, да бил советник на командантите од Мала Речица, или во некоја друга неформална улога?
Според едно сведоштво на амбасадорот Ристо Никовски, тоа не е исклучено. Имено, додека работел во Лондон (1993-1997 година), Никовски имал средба со Вилијамс. Тој му се претставил како експерт за надворешна политика и меѓународни односи, му рекол дека има докторат на таа тема и дека некое време работел во американскиот Стејт департмент. Американецот покажал подготвеност да ѝ помогне на Македонија, а Никовски стекнал поволен впечаток за него и го телеграмите што ги испраќал од Лондон во Скопје, предлагал Вилијамс да го посети Скопје.
„Како што најчесто и се случува кај нас, и овој пат немаше никаква реакција. Ако не се лажам, нешто поголем интерес покажаа од Кабинетот на претседателот Глигоров, ама и од тоа не бидна ништо. Подоцна дознав дека го ангажирале Албанците и дека го користеле како експерт во Охрид, во 2001 година, за време на подготовките на Рамковниот договор. Чиста бесмислица и глупост е, меѓутоа, дека Вилијамс е творец на Охридскиот рамковен договор. Договорот е долго подготвуван во Вашингтон, секако не од поединец туку од тим од врвни експерти од повеќе области, а формално го донесе (Роберт) Фровик, кој долго мешетареше во Македонија. Ако, пак, во биографијата на Вилијамс стои дека учествувал и во Дејтонскиот договор, тоа е најверојатно – измислица“, пишува Никовски.
Како и да е, факт е дека челниците на ДУИ лажно го претставуваат Американецот Пол Вилијамс како „автор на оригиналниот нацрт“ на Охридскиот рамковен договор, очигледно со јасна намера да кажат дека зад овој „тезгарош“и денес стојат Американците, како во 2001 година. Идејата е да се создаде перцепција дека САД, Стејт департментот и Американската амбасада во Скопје стојат и зад новиот „документ“ што го подготвувал Пол Вилијамс по нарачка на Али Ахмети.
Играта е проѕирна. Она што засега не е јасно е зошто за улогата на овој лик молчат и дипломатското претставништво во Скопје и амбасадорката Анџела Агелер.