По информацијата дека се создала паника во Дебар, откако провериле, надлежните заклучиле дека тоа не е точно и дека сѐ нормално функционира во градот, но со оглед на тоа што е тоа единственото место каде има кластер на пациенти меѓу кои има локална трансмисија, министерот за здравство Венко Филипче најави дека засилен тим на епидемиолози и инфектолози денеска и утре ќе направат подетална епидемиолошка анализа на целото подрачје.
Тој додаде дека вчера е назначена нова директорка на Клиниката за дерматовенерологија и одговори дека за членовите на семејството на заболената директорка немаат информација за симптоми или знак на болеста.
Новинарите на пресот се интересираа дали и од блиското семејство на директорката оделе на работа и дали можеби се во изолација и тие луѓе.
– Само членовите на нејзиното семејство се во изолација, а нема причини тие да се второ или третолиниски преносители на вирусот на други луѓе. Ќе разговараме денеска и со директорите на клиниките за прераспределби на персоналот кој има поголемо искуство од Анестезија и Неврохирургија. Освен од Инфективната клиника, поделба на персоналот се спрема и на овие две клиники, како и на други хируршки клиники – рече Филипче.
Во однос на мерките за пуштање на работниците дома обврските за овие 14 дена ги презема компанијата во која работат.
– Сите овие мерки кои ги набројав важат до 24 март и се надополнување на мерките кои се донесени претходно – нагласи Филипче.